Во Кочани се сади ориз и без вода – Ќе има ли спас од климатските промени?

Во Кочани се сади ориз и без вода – Ќе има ли спас од климатските промени?

 

Првата помисла на оризовите полиња во Кочани се водените канали кои се широко распространети за оваа житна култура да може да се развие. Но, се поголемата закана од климатската криза и недостигот на вода ќе има силни последици врз земјоделството.

Оризот е култура која бара доста вода за производство. Пред изградбата на системите за наводнување, оризот во Македонија се произведува по течението на реките, претежно во Брегалничкот регион.

Сега, повторно предизвикот е да се обезбеди доволно вода, особено во сушните периоди, но и да се размислува за стратешки пристап во сеидбата на ориз каде водата нема да биде клучен фактор, за што веќе се спроведуваат истражувачки проекти и во Македонија.

„Ние работевме неколку проекти преку Институтот со сеидба на суво наместо традиционалното засадување и сеидба во вода. Пробавме да направиме и сеидба со редосејалка наместо рачно садење на оризот. Поентата беше да заштедиме вода во првите 20-30 дена по сеидбата, а вкоренувањето беше многу подобро, и оваа метода треба и натаму да се тестира”, посочува проф. д-р Добре Андов од Институтот за земјоделство при УКИМ.

ориз

проф д-р Добре Андов

Високите температури исто така може да влијаат врз производството на ориз па така се прават истражувања и за отпорноста на семињата за расад во поглед на зголемување на приносите по хектар.

„Потребни се повеќе години и обиди за да се потврдат одредени резултати. Ние се бавиме со истражувачка дејност како дел од поранешниот Институт за ориз, а сега како дел од Институтот за земјоделство на УКИМ, но и за оваа активност се потребни финансии”, вели редовниот професор Андов.

Сепак, како што потенцира професорот потребно е долг период на тестирање за да се добијат доследни резултати и преглед на моделите со точни статистички информации. Потоа може да се направат поконкретни чекори за промена на традиционалните методи на засадување на ориз во Кочани.

ориз

Секако, климатската криза сама по себе создава се поголем притисок па и времето на приспособување и преземање мерки ќе биде се пократко.

Со оваа статија ја завршуваме серијата на стручни и информативни објави за македонскиот ориз.

Наскоро ќе подготвиме и еден сублимат кој на едно место како своевиден водич ќе ги содржи сите информации за производството на ориз во Македонија.

Во меѓувреме може да се потсетите на статиите за процесирање на ориз, историјата на оризот во Македонија и како се создаваа македонските сорти на ориз.

 

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Зелен развој