Одржливост во земјоделството – Максимизирање на профитот или на општото добро?

Одржливост во земјоделството – Максимизирање на профитот или на општото добро?

 

Одржливоста во земјоделството како и во секоја друга област е неопходност која се наметнува со сѐ поголемата закана од климатските промени како и нарушувањето на животната средина. Проблемите кои може да ги предизвикаат неодговорните практики во земјоделството секако, не може да се игнорираат, но и да се најде идеален модел кој ќе овозможи баланс помеѓу интересите на инвеститорите и општото добро исто така е голем предизвик.

Големата шеќерна криза

Во суштина последиците кои денес се согледуваат од земјоделската политика во Европа, вклучувајќи ја и Македонија, датираат од Втората светска војна. Постојат многу примери на земји кои се довеле и до работ на опстанок само затоа што се следеле потребите за снабдување со основни продукти. Еве, да ја земеме Куба во 40-тите години на минатиот век.

Куба како земја која не е директно вклучена во светскиот конфликт има идеална прилика да ги задоволи огромните потреби на САД за шеќер. Одгледувањето на шеќерна репка во Куба прераснува во монокултура, цените на пазарот во САД стануваат повисоки поради недостигот од традиционалните добавувачи како Германија, Русија, Англија и Франција кои се втурнати во виорот на најголемата војна во човечката историја.

Но, по завршетокот на конфликтот и победата на сојузниците, повторно традиционалните производители се враќаат на извозот на шеќерот. Куба во тие години речиси целосното домашно производство го преориентира на монокултура. Вишоците на производството потоа се преземени од страна на САД под посебни услови. Растот на незадоволството и зависноста од САД доведува и до кубанската револуција на 26 јули 1953 година, а како потоа се развиваше Куба е веќе познато.

Како стигнавме до Заедничката земјоделска политика на ЕУ и како понатаму?

На европско тло пак, последиците од војната предизвикуваат до масовно производство на храна за „искоренување на гладот“. Водечките европски земји брзаат да создадат големи количини на основни суровини, да го прехранат населението кое поминало низ тешки години на опостушување и да го започнат подготвени процесот на економска обнова.

Масовното производство на храна секако дека овозможува одржување на ниски цени, зголемување на извозот, вработување на голем процент од работната сила и стабилна инфлација која позитивно влијае и на економскиот раст, но прашањето е дали е постигнат плафонот со мега фармите и големите корпорации кои доминираат на пазарот и кои го индустријализираа земјоделството.

Заедничката земјоделска политика на ЕУ воведена за прв пат во 1962 година исто така подлежи на критики и постои притисок за нејзина промена која ќе овозможи поголема одржливост, како и воведување на принципот кој гарантира дека потребите на денешните генерации може да се задоволат, а тоа да не биде направено на штета на идните.

Промовирањето на концептите на кооперативни фарми и земјоделски задруги каде максимизирањето на профитот нема да биде главен приоритет е возможно и такви успешни примери веќе имаме во водечките европски земји.

Одржлив и праведен развој

Eвропските експерти препорачуваат почитување на неколку основни принципи во насока на овозможување одржлив и праведен развој:

  • Воведување на кружен систем на производство и достава, наместо линеарен
  • Гарантиран пристап до вода и почва
  • Промовирање на здрава и одржлива исхрана за секого
  • Создавање на кратки и еколошки синџири на снабдување базирани на принцип на праведност
  • Промена на трговскиот модел во насока на одржливост

При креирање на политиките за одржливост во земјоделството мора да се земат во предвид и социо-економските, здравствените, климатските и еколошките фактори. Агроекологијата како интегриран пристап може да понуди повеќе решенија за доближување на на производствените процеси до природата, како и доближување на потрошувачитедо процесот на производство на храна, а со тоа и до природата. Поддршката на локалните иницијативи е клучна, како и промовирањето на локалното производствоза кое не создава огромен јаглероден отпечаток како што е тоа случај со производите кои се „егзотични“ и се увезуваат.

Македонија во минатото и покрај релативно добриот процент на учество  на производството од земјоделски задруги, сепак го следеше светскиот тренд на монокултура, а во периодот од осамостојувањето наваму не покажа придвижување во соодветна модернизација кон одржливо земјоделско производство и aгроекологија, па токму во оваа област треба да се вложат напорите за промени.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Зелен развој