По намалувањето на цените на горивата во наредните денови следи и намалување и на цените на лебот, брашното, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко, месото, оризот, јајцата. Ова е резултат на донесените мерки за намалување на ДДВ и акцизата, а со цел намалување на ценовниот шок поради војната во Украина.
Во следните три месеци, односно до крајот на мај годинава стапката на ДДВ за основните производи за човечка исхрана ќе биде намалена од 5 на 0 %, а данокот на горивата се намалува од 18 на 10 %, како и акцизата за 1, 2 или 4 денар.
Повластената стапка од 5 % ДДВ за електрична енергија за домаќинствата се продолжува до крајот на 2022 година.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, на прес-конференција во Владата вчера ги повика граѓаните и стопанствениците да бидат рационални во трошењето на енергенсите и да не подлегнуваат на шпекулации кои се на штета на личниот буџет, нагласувајќи дека сите мерки се преземаат навремено и дека нема простор за паника.
Донесените законските измени, рече Бесими, предвидуваат механизми кои Владата ќе може да ги користи и во иднина доколку има потреба да се избегнат какви било шпекулации и ценовни шокови на граѓаните и стопанството.
Премиерот Димитар Ковачевски, во видео обраќање до јавноста, вчера порача дека пакетот од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра, има за цел заштита на граѓаните и стопанството.
– Единствен приоритет во моментов на оваа Влада е да го заштитиме стандардот на граѓаните и да одржиме економска стабилност. Со новиот пакет 26 мерки 400 милиони евра од буџетот насочуваме за поддршка на граѓаните и компаниите. Покрај сите овие кризни мерки, ја покачивме и минималната плата на 18.000 денари и имаме рекордно покачување не пензиите како и финансиска поддршка за пензионерите, изјави Ковачевски.
Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, сетот мерки на Владата е задоцнет и нема да ја подобри состојбата, но сепак и тие го поддржаа во Собранието.
– Па не мислам дека сетот мерки се доволни, затоа што е задоцнет, генерално тие кои што се суштински ВМРО-ДПМНЕ уште пред неколку недели ги предлагаше, но поради надменоста на оваа Влада и самобендисаноста тие не успеаја да се надминат себеси и тогаш да ги прифатат, еве малку модифицирани ги доставија до парламент ги поддржавме, иако се задоцнети иако знаеле пред 4 месеци дека до ова ќе дојде, изјави Мицкоски, вчера во Свети Николе.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, вчера увери дека се преземени сите неопходно мерки и дека има залихи на жито, како и дека стоковите резерви се на законски пропишаното ниво.
Имаме, рече Николовски, големи залихи кај млиновите – 50 илјади тони пченица, 10.000 тони пченка, јачмен за кој што постигнавме во овие три години целосно задоволување на домашното производство.