Забрането движење во шумите, апели да не се палат стрништа – Расте ризикот од нови пожари

Забрането движење во шумите, апели да не се палат стрништа – Расте ризикот од нови пожари

 

Високите температури, екстремно сувото време и силниот ветер се најголеми ризик фактори за ширење на шумски пожари, а секако голема улога има и човечкиот фактор, без оглед дали станува збор за намерно или ненамерно опожарување.

Вчерашните сцени од пожарите во Кочани беа драматични бидејќи пламенот стигна до првите куќи во населбите, а се чинеше дека доцни сеопфатна и организирана акција за справување со огнената стихија.

Авионите канадери за гасење пожари веќе три години не се во употреба и тој факт како никој да не го зема сериозно уште кога директорот на ЦУК Стојанче Ангелов предупреди дека ќе дојде во ваква ситуација. Проблемот како што наведуваат е дека сервисерот барал за 40% повисока цена од вообичаено и затоа Бирото за јавно набавки не ја одобрувало процедурата во изминатите три години.

Утрово се очекува да пристигнат хеликоптери од АРМ во кочанскиот крај како и во околината на Кумановско, Кокино и Ранковце каде што се проширија шумски пожари.

Од денес е воведена целосна забрана за движење низ шумите.

– Во текот на денешниот ден, 3 август (наутро) стапува во сила целосна забрана за движење во шумските предели низ Републиката, соопшти владината прес-служба.

Исто така се упатуваат силни апели до сите земјоделци да се воздржат од спалување на нивите и стрништата бидејќи ризикот од нови пожари со актуелните временски услови е преголем.

Вчера беше ангажирана и армијата, но војниците кои се најдоа на терен упатија критики дека никој не им дал насоки, имало лоша координација и се чувствувале непотребно па самите решиле да помагаат на сопствена иницијатива колку што можат.

Граѓаните исто така вчера се организираа преку социјалните мрежи за помош на погодените подрачја, вклучувајќи организирање на теренски возила, како и прифаќање на дел од населението кое привремено ги напушти домовите.

Помош се очекува и од соседните земји, особено од Србија и од Бугарија.

„Претседателот Вучиќ рече ќе испрати два, три или четири хеликоптери, а помош најави и бугарскиот претседател Румен Радев. Помошта е потребна не само тука во Кочани, туку и во други региони низ земјава имаме пожари кои поради силниот ветер огнот се шири. Таков е случајот во Македонски Брод и делот меѓу Делчево и Пехчево“, рече премиерот Заев.

Владата ќе донесе одлука за брза набавка за сервирање на канадерите, бидејќи ситуацијата е итна и Бирото за јавни набавки ќе ја дозволи таквата набавка. Сепак, и со итно сервисирање на авионите за гасење пожар тие би полетале за неколку месеци.

Во меѓувреме државата може да се потпре само на армиски хеликоптери приспособени за гасење пожари при дневна светлина, или да чека поддршка од соседите.

Пожарите во Кичево, Ранковце и Кокино засега се ставени под контрола. Нема човечки жртви, а причинета е само материјална штета.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Вести