Земјоделците со осигурителниот пул ќе имаат полиси кои покриваат однапред утврдени ризици

Земјоделците со осигурителниот пул ќе имаат полиси кои покриваат однапред утврдени ризици

 

Земјоделците ќе добијат поголем опфат на осигурувањето откако ќе се воведе осигурителниот пул како модел кој веќе успешно се применува во Турција.

Според информациите од Агенцијата за супервизија на осигурувањето, специфичните ризици во земјоделското производство ќе бидат покриени со издржано и сеопфатно системско решение. АСО заедно со Министерството за земјоделство работат на проект на Светска банка со кој ќе се воведе нова регулатива за примена на осигурителниот пул.

Крсте Шајноски

Крсте Шајноски

„Нашата цел е да се овоможи зголемување на понудата од високо квалитетни и стандардизирани земјоделски осигурителни производи и соодветно ниво на осигурително покритие на штетите од елементарни непогоди во земјоделскиот сектор. За постигнување на таа цел Владата преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и АСО, а со техничка помош од Светската Банка (FIRST Initiative Project), во 2019 година отпочна со реализација на активности за воспоставување на соодветна регулаторна и инфраструктурна рамка која ќе ги поддржи горенаведените цели”, потенцира Крсте Шајноски претседател на Советот на експерти на АСО. 

Крајната цел е формирање таканарачен осигурителен пул во кој осигурителните друштва со поддршка на државата преку надлежните институции ќе создадат осигурителни производи со висок квалитет кои ќе гарантираат соодветно ниво на покритија од штети во земјоделството особено со акцент на актуелните климатски промени.

Како што информираат од АСО преку земјоделскиот осигурителен пул ќе се воспостави единствен и стандардизиран пристап во земјоделското осигурување како во преземањето, така и во управувањето со ризиците. 

Односно, да се развијат стандардни полиси за осигурување на посеви, плодови и животни кои ќе покриваат однапред утврдени ризици – пожар, поплава, град, мраз итн., стандардизирани стапки на премија по ризици, култури, региони, единствен пристап и политики на реосигурување. 

„Досега е направена анализа на системите на земјоделско осигурување кои се веќе воспоставени и соодветно функционираат во други земји. Заради искуството и развојот на сегментот на земјоделско осигурување во Турција, се воспостави соработка со Земјоделскиот осигурителен пул на Турција (ТАРСИМ) со цел адаптирање на нивниот модел на нашите специфики и услови”, додава Шајноски. 

Начинот на воспоставување и работа на земјоделскиот осигурителен пул ќе биде разработен во предлог текстот на новиот Закон за земјоделско осигурување кој е во фаза на подготовка.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Агро Бизнис