Интервентните мерки во функција на земјоделците – за зголемување на производството и намалување на увозната зависност
Не е време за креирање лажни вести и за создавање паника меѓу граѓаните, државата ќе има доволно храна, порачуваат надлежните. Земјоделците ги поздравуваат интервентните мерки, најавуваат дека максимално ќе ги искористат и дека производството ќе биде зголемено. Според експертите, во моментов нема простор за посериозна интервенција, освен да се нормализира увозот на пченица и масло од Србија. Руско-украинскиот конфликт, велат, нема да има некоја посериозна улога, но ќе влијае индиректно, врз порастот на цените на земјоделско-прехранбените производи.
Како што беше заклучено на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој, кризата, прво предизвикана од корона пандемијата, а сега и од војната во Украина, ги откри слабостите во системите за храна и укажа на потребата од трансформација – производството да биде одржливо и да се сменат куповните навики.
Моментно недостигаат ѓубрива, семенски материјал, горива, пестициди и други суровини чија цена континуирано се зголемува. Производите поскапуваат, зашто се купува храна од паника. Ваквата реалност ја наметнува потребата од донесување итни, ургентни мерки со цел ублажување и надминување на последиците.
Анализите на светските истражувачки центри, пак, покажуваат дека во однос на порастот на цените критична ќе биде 2022 година. Потоа се очекува да се намали ценовниот удар.
-Храна и житни култури мора да има. Ниту една обработлива површина нема да остане незасеана, ѓубриво има доволно, секој земјоделец добива рекордна подршка и субвенција. Целта е зголемување на домашното производство и намалување на увозната зависност. Пари се обезбедени за сите земјоделски гранки, простор за грижи нема. Ќе повторам, не треба да има паника кај граѓаните, тие треба да бидат мирни. Храна ќе има доволно, но треба сите одговорно да се однесуваме, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и додаде дека Планот за производство на храна постојано ќе биде дополнуван со нови мерки и политики.
Во однос на маслото за јадење, тој очекува Србија да ја крене „рампата“, како и за останатите производи.
-Наша единствена цел е тргање на забраната за сите компании, за сите склучени договори. Ќе испратиме забелешки за одредени договори кои не биле опфатени во делот на пченицата и пченката. Согласно разговорите, очекуваме тргање на забраната за сите производи. Има и други за кои има барања, макотрпно и деноноќно работиме. Верувам дека со сите наши напори и преку постојаната комуникација со земјите од регионот, ќе обезбедиме се што е потребно, подвлече министерот.
Тој рече дека ќе одат во Турција на разговори за обезбедување вештачко ѓубриво иако, како што додаде, во моментов има залихи.
-Задоволни сме од мерките за помош што се донесени. Останува ние да го зголемиме производство, да станеме независни од сите зрнести производи. Годинава за 20 отсто најмалку ќе биде зголемено производството на сончоглед. Очекувам зголеменои проиозводство на килограм по хектар благодарение на стимулацијата од државата, рече Петре Стојковски од Асоцијација на земјоделци.
И Стеванче Јорданоски од Националната федерација на фармери смета дека мерките ќе придонесат за поголемо пропизводство.
-Дадовме неколку предлози кои беа усвоени. Резултатот досега е за поздравување. Треба да се искористат дополнителните мерки од Интервентниот фонд. Се надеваме дека ќе влијаат позитивно, ќе се зголеми производството на пченица и други житни култури. Но, голем дел од производството не зависи само од нас, тука се и климатските промени, истакна Јордановски.
Според професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски, државата ќе треба посериозно да интервенира за да се замени сегашниот увоз кој е сериозен, со домашно производство.
-Руско-украинскиот конфликт нема некоја посериозна улога, зашто главните земјоделско-прехранбени производи што ги увезуваме, доаѓаат најмногу од Србија, Хрватска и Унгарија, а нешто доаѓа и од Бугарија. Конфликтот ќе има само индиректно влијание врз порастот на цените на земјоделско-прехранбените производи зашто ќе има нарушување на глобалниот пазар со прехранбени производи. Целата побарувачка ќе се обиде да најде алтернативни пазари, а тоа ќе доведе поскапување на производите. Во овој момент нема поголем простор за посериозна интервенција, освен да се нормализира увозот од Србија, како што е најавено, пред се на пченицата и сончогледовото масло за јадење, а за среден и подолг рок ќе треба да се направат сериозни анализи и стратегија за храна, како и програма за функционирање на целиот систем во услови на криза, оцени Димитриевски.
Неопходни се анализи, дополни професорот, кои ќе покажат кои капацитети ни се на располагање и може да се стават во функција на производство на храна.
-Пред се мислам на земјиштето како основен ресурс – да се направи анализа што е слободно од него и да се понуди на земјоделци кои сакаат да произведуваат. Ние имаме ниска продуктивност и преку апликативни истражувања терба да се обезбеди зголемување на приносот по единица капацитет за да се зголеми и производството на основните производи, укажа Димитриевски.
Во вакви услови на криза, како што напомена словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш, многу е важна економската дипломатија.
-Концептот на економска дипломатија, воведен во последната декада, Северна Македонија многу добро го разбра и почна многу иницијативи и проекти во овој правец. Во време на криза оваа дисциплина добива ново ниво на значење. Економската дипломатија мора да го пренасочи фокусот и да му помогне на земјоделскиот сектор да ја преживее кризата, земјоделците да продолжат со своите мисии и да обезбедуваат основни производи за живот, рече амбасадорот.
Според проекциите, до крајот на годинава се очекува Интервентниот фонд засега тежок 400 милиони денари, да достигне 600 милиони денари, вклучувајќи ги и мерките за претстојната есенска седиба.