Како да се справите со најопасниот штетник на виновата лоза?

Како да се справите со најопасниот штетник на виновата лоза?

 

Во заштитата на виновата лоза од особено значење претставува навремено преземање на превентивни мерки од кои што зависи квалитетот и квантитетот на крајниот принос. Големиот број на болести и штетници на виновата лоза ја прават заштитата комплексна и скапа. Но, ако правилно и навремено постапуваме со превентивните и ерадикативните мерки, можеме значително да ги намалиме негативните влијанија предизвикани од штетниците и болестите на виновата лоза.

Сивиот гроздов молец (Lobesia botrana) претставува сериозен штетник на виновата лоза и е распространет речиси насекаде. Освен винова лоза, напаѓа и маслинки, малини, капини, а може и да се најде и на листовите и цветовите од луцерка, детелина и компир. Во виновата лоза има тенденција да се задржува на оние сорти кои што имаат поголеми и позбиени соцветија, каде што влажноста е висока, а струењето на воздухот е минимално. Директните штети што ги причинува може значително да го намалат приносот, но од уште поголема важност се индиректните штети, односно создавање на поволни услови за развој на голем број на болести.

Инсектот во својот животен циклус поминува низ повеќе стадиуми и тоа: стадиум на јајце, стадиум на ларва, стадиум на кукла и стадиум на возрасна единка.

Јајцето од сивиот гроздов молец е со сплескана елиптична форма. Димензиите се помали од милиметар и на почеток имаат посветла жолтеникава боја која постепено преминува во сивкаста нијанса. Постојат пет фази во развојот на јајцето: видлив ембрион, видливи очи, видлива вилица, кафеава глава и црна глава. Јајцата се положуваат единечно и многу ретко во групи од две до три јајца.

Исто како и кај јајцата и ларвата има пет фази на развој. Развиената ларва има должина од 10-15 милиметри со капсула на главата. Во овој стадиум со помош на усниот апарат за грицкање ги предизвикува директните штети.

 

стадиум на јајце и ларва гроздов молец

Стадиум на јајце и ларва Извор: Andrea Lucchi/Università di Pisa, Italy

 

Стадиум на куклата претставува преодна фаза од ларва до возрасна форма. Куклата на почетокот има светла боја, но со развојот на инсектот преминува во потемни нијанси. Женските кукли имаат големина од 5-9 милиметри, додека пак машките се со големина од 4-7 милиметри. Во крајната фаза на овој стадиум развиениот инсект ја отвора куклата и излегува како возрасна единка спремна за размножување

Инсектот е со големина од 6-8 милиметри и распон на крилја од 10-13 милиметри. Големината во голема мера зависи од квалитетот на храната со која што се хранел инсектот за време на ларвениот стадиум. Бојата на инсектот е темно кафеава со мозаични шари од сива, светлокафеава и црна боја.

гроздов молец стадиум на кукла и возрасна единка

Извор: Andrea Lucchi/Università di Pisa, Italy

 

Гроздовиот молец презимува во стадиум на кукла во пукнатините на чокотот. Кон крајот на април започнува нивното излегување, каде што првин излегуваат машките и по неколку дена женските единки. Во утринските часови пред изгрејсонце и во периодот на зајдисонцето, сивиот молец е најактивен и почнува да лета. Летовите на инсектите најчесто се одвиваат поради оплодување. Кога оплодувањето е завршено, женката ги полага јајцата во соцветијата на виновата лоза. Интензитетот на полагање на јајцата во голема мера зависи од температурата и влажноста. Развојот на јајцата трае од 5-10 дена и потоа започнува излегувањето на ларвите и нивно вбушување во сè уште неразвиените гроздови пупки. Со навлегување во цветните пупки започнува исхранувањето на ларвите и создавање на гнезда преку спојување на повеќе гроздинки. Гнездата служат за преминување на стадиум ларва во стадиум на кукла и на крај да излезе како возрасна единка (адулт). Стадиум на кукла трае околу 2 недели и од гнездата излегуваат молци од втората генерација. Во реални услови овој период започнува од средината кон крајот на јуни. Истите процеси ги поминуваат и молците од втората генерација (летање, полагање на јајца), но во стадиумот на ларвата гроздовите веќе се со големина на грашок и ларвата не може да создаде гнездо, туку спојува два грозда и се вбушува и се храни од нив. Третата генерација се јавува во средината и крајот на август. Потоа, возрасните единки навлегуваат во пукнатините на кората во погорните делови од виновата лоза и создаваат кукла за да можат да презимат. Во поволни услови се јавува и 4-та генерација, но се случува нагло изумирање при намалување на температурите.

Мерки за превенција и сузбивање

При изведување на тековните агротехнички мерки потребно е да се направи простор за поголемо проветрување во зоната на гроздовите и чокотот. Тоа се постигнува со кинење на еден до два листа од ластарите кои се наоѓаат непосредно помеѓу гроздовите во периодот пред цветање. Оваа пракса единствено не се изведува доколку насадот има јужна експозиција.

При извршување на хемиска заштита потребно е првин да се мониторира, односно набљудува популацијата на штетникот. Мониторингот се изведува визуелно и се фокусира на летот на возрасните единки и вкупниот број на оштетени гроздови. Преку распознавање на оштетениот уште неразвиен плод, може да се утврди бројот на присутни ларви во лозовиот насад.

Апликацијата на заштитни средства за првата генерација треба да се одвива 7-8 дена по утврдување на максималниот лет на инсектот. Заштитните средства можат да бидат хемиски или биоинсектициди.

Биоинсектициди на база на Бацилус турингиенсис се ефикасни во сузбивање на ларвите од 1-та генерација на сивиот гроздов молец. Хемиски инсектициди кои се користат за сузбивање може да бидат на база на хлорпирифос метил, фентион, трихлорфон или пиретроиди.

Во години каде што интензитетот на нападот е слаб, најчесто е потребно само едно прскање, додека во години со поголем интензитет потребни се 2-3 прскања.

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури