Стениците претставуваат голема група на инсекти кои што се распространети низ целиот свет и до денеска се познати околу 25 илјади видови. Адаптирани се да живеат во повеќе средини и имаат развиено различни механизми за исхрана. За земјоделството се битни оние стеници кои што живеат на копно и имаат фитофагна и карниворна исхрана. Фитофагна исхрана е исхрана која што е базирана на растенија и најчесто имаат механизам за шмукање на растителните сокови од ткивата на растенијата, додека пак карниворната исхрана е базирана на инсекти и најчесто имаат устен апарат за гризање и модифицирани предни екстремитети кои што имаат специјални влакненца за успешно ловење на други инсекти. Фитофагните стеници предизвикуваат штети во земјоделското производство, а карниворните стеници се користат во биолошката контрола за управување со штетници во земјоделството.
Во овој текст ќе се фокусираме на стениците кои што се користат за биолошка контрола на штетници. Овие стеници потекнуваат од три фамилии (Miridae, Nabidae, Anthocoridae) и како најкорисни се:
Anthocoris nemorum – Обична цветна стеница
Обичната цветна стеница може да се најде во цела Европа и на исток се до Кина. Најчесто ги населува низинските места каде што е присутна тревеста и жбунеста вегетација и има поголема влага. Има должина од 3-4 милиметри со сплеснато и издолжено тело. Екстремитетите им се со портокалово-кафеава боја, додека пак телото е шарено со мермерно бела, кафеава, портокалова и црна боја. Се храни со повеќе видови инсекти меѓу кои се црвениот овошен пајак, фитофагните трипси и лисните вошки. Во текот на развојот има потенцијал да изеде од 300-600 единки од црвен пајак или 100-200 ларви од лисни вошки. Во биолошката контрола започнува да се користи од 1992 година за намалување на популацијата на штетници во производството на круша. Самото присуство на овој вид на стеница во агробиоценозите значително придонесува кон регулирање на присуството на одредени штетници, но сепак обичната цветна стеница не е искористена како комерцијален продукт во биолошката контрола во земјоделската индустрија.
На видеото подолу е прикажан начинот на исхрана на обичната цветна стеница
Orius minutus и Orius laevigatus – Пиратски стеници
Пиратските стеници од видот Ориус се едни од најзастапените комерцијални продукти кои се користат првенствено во контролата на трипси, а потоа и контрола на разни пајаци, вошки и други инсекти. Имаат должина на тело од 3-4 милиметри со црни и мермерно бели варијации. Животниот циклус од јајце до возрасна единка трае во просек од 10 дена при температури од 25 °C, но доколку имаме помали температури овој процес се одвива подолго. При воведување на предаторите за биолошка контрола во затворен простор потребно е поголем период за размножување и воспоставување на доволен број на инсекти за да можат да конкурираат на трипсите и со тоа да се овозможи соодветна контрола. Комерцијалните продукти кои се достапни на пазарот се продаваат во пластични шишиња кои се исполнети со лушпи од хелда и адулти и нимфи од стеница. Во зависност од пакувањето тие можат да содржат од 500-2000 адулти и нимфи. Стениците се активни само кога имаме долги денови, односно најголема искористеност може да биде во периодот од март до септември, а надвор од овој период нивната активност може да се зголеми преку употреба на вештачко осветлување. Процесот на апликација е релативно лесен и се состои од нанесување на продуктот во неколку купчиња од растителни остатоци, камена волна или во специјални диспензери.
Nabis ferrus – Полска мома
Стеницата која потекнува од фамилијата Nabidae е општ предатор, односно нејзината исхрана се состои од повеќе видови на инсекти. Најбројни се во пространи и ниски зелени површини каде што имаме помалку вода или влага, а такви површини во земјоделското производство се површини кои се посеани со луцерка или други видови на легуминози. Имаат должина од 8 милиметри и се жолтеникави со долги крилја (подолги од телото) и испакнати странични очи. Презимува во вид на возрасна единка и има една генерација годишно. Природен непријател е на следниве штетници: зелена грашкова лисна вошка, крушкина мува, житно пајаче, пченична лисна вошка, овесна лисна вошка и житен молец.
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.