Моја Фарма и Дамир Лучиќ го одржаа првиот вебинар: Едукација на овоштарите за успешност преку самопроценка и тестирање
Моја Фарма заедно со експертот Дамир Лучиќ го одржа првиот вебинар наменет за едукација на овоштарите. На вебинарот “Услови за успешност во овоштарството: Самотестирање и проценка на сопствено производство” беа пренесени модерни искуства, нови трендови и совети за производителите на јаболко.
Главен предавач на вебинарот беше господинот Дамир Лучиќ, експерт за технолошко советување на професионалните производители на овошје во Хрватска и регионот. Лучиќ е дипломиран агроном со екстензивно искуство во областа на современите технологии за производство на јаболко, круша и цреша и имплементација на дигитални решенија во производството на овошје.
„За да бидете успешни треба да ги познавате добро пазарот и карактеристиките кои ги бараат самите потрошувачи. Од тоа многу зависи какво ќе биде производството на вашите јаболки и овошја кои се бараат на специфичен пазар”, истакна Лучиќ.
На вебинарот беше претставена другата страна од овоштарското производство, односно подготвеноста на производителот, а не на самото производство чиј што потенцијал директно зависи од постапките на производителот.
Дамир Лучиќ разговараше за тоа како производителот треба самокритично да го оцени својот овоштарник и кои се клучните работи на кои треба да се обрне внимание. Дополнително, како дел од презентацијата беа опишани новите иновативни концепти на резидба и подигање на самите овоштарници кои што ги имплементираат прогресивните произведувачи
Овоштарството сега е глобален бизнис и ние се натпреваруваме со сите во светот. Тоа особено важи кога ќе влезете во Европската Унија кога ќе треба да се натпреварувате со најдобрите. Многумина велат дека се снаоѓаат и продаваат, но тоа тесно размислување веќе е штетно бидејќи мора да се применуваат што повеќе нови технологии, бидејќи овој бизнис во наредните години драстично ќе се промени, посочи Дамир Лучиќ експертот за овоштарство од Хрватска на првиот вебинар на Моја Фарма.
Тимот на Моја Фарма ќе продолжи да организира серијал од едукативни вебинари кои што ќе бидат од вистинска помош на сите оние кои што сакаат да го подобрат своето производство.
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.