Мали залихи на масло за јадење и брашно во Шпанија – Германија стравува од недостиг

Мали залихи на масло за јадење и брашно во Шпанија – Германија стравува од недостиг

 

 

Неостатокот на масло за јадење во Шпанија, кое до неодамна оваа европска земја го увезуваше од Украина (62% од отрошувачката), доведе до страв од целосен недостиг на овој основен прехрамбен производ. Рафтовите во супермаркетите останаа празни, а сето тоа се должи на стравот кој владее поради воената состојба во која се наоѓа Украина.

„Сончогледовото масло е производ што сега е тешко да се најде во продавниците. Нарачавме нови количества, но со денови нема испораки“, објави продавачка од супермаркет во Барселона, пренесуваат шпанските медиуми. Некои супермаркети ја ограничија продажбата на сончогледово масло на пет литри за лице.

Истото важи и за брашното, кое во моментот тешко се наоѓа во продавниците. Здружението на веледрогерии и супермаркети „Аседас“ пред неколку дена укажа на невообичаеното однесување на потрошувачите во однос на набавката на сончогледово масло и посочи дека е обезбедена набавка на масло за јадење и други производи во Шпанија.

Според медиумите, проблеми со снабдувањето би можеле да настанат летово доколку нема испорака од Украина. Исто така, поради недостиг на испораки на жита и пченка од Украина во Шпанија, може да има недостиг на сточна храна.

Здружението на индустријата за преработка на масло во Германија предупредува дека може да има недостиг на сончогледово масло за неколку недели. „Имаме резерви за уште неколку недели“, изјавил директорот на „Овид“, Герхард Бранкак, за агенцијата ДПА,  пренесуваат печатените медиуми.

Инаку, Германија увезуваше големи количини сончогледово масло од Украина, од каде што, поради војната, повеќе не доаѓаат нови испораки. „Овид“ укажува дека потрошувачите може да користат и други масла за јадење, каде што нема да има недостиг.

Според „Овид“, Украина со 51 отсто и Русија со 27 отсто се најважните извозници на сончогледово масло во светот. Германија покрива 94 отсто од потрошувачката на сончогледово масло со увоз, а само шест отсто е од домашно производство.

Во Австрија нема опасност од недостиг на сончогледово масло бидејќи домашното земјоделство покрива најголем дел од потрошувачката.

 

Категории: Вести