Ефекти од загубите и отпадот од храна врз животната средина

Ефекти од загубите и отпадот од храна врз животната средина

 

Според проценките на Светската програма за храна на Обединетите Нации (United Nations World Food Programme) повеќе од 345 милиони луѓе во светот ќе немаат пристап до доволна количина на храна неопходна за здрав живот во 2023 година и оваа бројка е речиси два пати зголемена од 2020 година. Приближно 9.1 милиони луѓе годишно умираат од глад, од кои 3.1 милиони деца. Истовремено, една третина од произведената храна во светот завршува како загуби на храна во производствено-потрошувачкиот ланец или се фрла како отпад поради голем број на различни причини. Загубите на храна во производството, заедно со отпадот од храната предизвикуваат големи економски загуби и имаат негативно влијание кон животната средина.

Загубите на храна настануваат низ целиот синџир на производство на храната како резултат на недостаток на знаење и вештини во производството, природни појави, недостаток на соодветна инфраструктура и неефикасни производствени практитки. Загубите на храна се случуваат пред храната да сигне до крајните потрошувачи.

Отпадот од храна настанува кога храната која што може да се конзумира се исфрла од страна на потрошувачите по нејзино расипување, и поминува рокот на траење или едноставно се фрла од различни причини.

Во одредени случаи храната завршува како отпад како резултат на хиперпродукција. Тоа се случува кога рестораните, продавниците или слични компании, купуваат количини на храна кои се поголеми од нивните реални потреби што резултира со производство на големи количини на прехранбени производи кои завршуваат како отпад. Според Форбс, хиперпродукцијата е причина за непотребна експлоатација на ресурси како што се фосилни горива, вода и ѓубрива, кои од своја страна го зголемуваат количеството на емитирани стакленички гасови од производните процеси.

Покрај тоа, големи количини на прехранбени производи се отфрлени од страна на продавачите поради тоа што не исполнуваат одредени критериуми како што се стандарди за квалитет или естетика. Според извештајот на Агенцијата за животна средина на Обединетите Нации (UN Environment Programme), 17% од глобалното производство на храна завршува како отпад од коишто 43% потекнуваат од домаќинствата, 26% од угостителството и 13% од продажниот сектор.

Табела ПЛУТОС

Загубите/отпадот од храна и нивното потекло (Извор: FAO, UNEP, WWF)

 

Извештајот за опечатокот на отпадот од храна на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (Food and Agriculture Organization of the United Nations) овозможува согледување на трендовите на отпадот од храна и неговите ефекти на глобално ниво. Во регионите со високи и средни примања се забележуваат загуби и отпад од храна при крајот на производствено-потрошувачкиот синџир, односно овие загуби и отпад се генерално генерирани од страна на потрошувачите или услужните или продажните дејности. Од друга страна, во земјите во развој загубите на храна потекнуваат од самото производство како резултат на недостаток на знаење, ресурси и соодетна инфраструктура за примарно производство на храна.

Колку загубите/отпадот од храната се случуваaт подцна во призводствено-потрошувачкиот синџир, толку ќе биде поголем нивниот негативен отпечаток врз животната средина. Тоа е така поради тоа што со поголемо задржување на храната и прехранбените производи во овој синџир се трошат поголеми количини на ресурси.

Поради тоа што земјоделството учествува со 70% од вкупно искористената вода во светот, загубите и отпадот од храна резултираат со значителни загуби во изворите на слатка вода и подземните водени резервоари. Се смета дека количината на вода која годишно се троши за производство на храна која не се конзумира е три пати поголема од количината на вода во Женевското Езеро (89 километри кубни). Фрлањето на 1 килограм говедско месо е поврзано со непотребно трошење на 25 000 литри вода потребни за неговото производство. На исти начин, фрлањето на 1 литар млеко се поврзува со непотребно трошење на 1000 литри вода.

 

Инфографик ПЛУТОС

Факти за водата и производството на храна

 

Проектот Плутос, кој се спроведува под покровителство на ЕУ – програмата за иновации, истражување и развој – Хоризонт 2020 и во чија реализација се вклучени 33 организации од 13 Европски земји, има за цел спроведување на 11 одржливи иновативни пилоти во неколку региони во Европа. Секој пилот има фокус на одреден сегмент од ланецот на вредности во земјоделството, производството и дистрибуцијата на храна, но заедничката цел е промоција и унапредување на различните процеси преку собирање и обработка на големи количини на различни податоци. Во нашата земја активностите од овој проект се фокусирани на имплементација и развој на дигитална платформа (https://foodshare.foodscalehub.com/mk) која има за цел поврзување на потенцијалните донатори на храна со хуманитарни организации кои вршат дирекна дистрибуција на донираната храна до соодветни целни групи.

 

Автор: Илија Поп Стефанија

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.