Вертикално земјоделство – футуристички фарми за опастанок на големите градови

Вертикално земјоделство – футуристички фарми за опастанок на големите градови

 

Со зголемениот број на светско население, секако дека еден од реалните предизвици со кои ќе се соочи човештвото е недостигот на храна. Од проблемот посебно ќе бидат засегнати урбаните средини, односно градовите – каде што ќе се појави недостаток на свежа и квалитетна храна. За надминување на овој проблем, технолошки развиените земји во светот веќе изнаоѓаат можни решенија. Едно од тие решенија е  т.н.  „Вертикално земјоделство“.

Како добар школски пример ќе го земеме денешно Токио, густо населен град, со огромна популација – што значи дека на мала површина има многу усти за прехрана. Во иднина, вистински предизвик ќе биде да се обезбеди храна (и квантитативно и квалитативно) за секој жител. Токио и неговите предградија имаат реален недостаток на обработливо земјиште. Она земјиште со кое веќе располагаат е со недоволно добар квалитет за отпочнување со земјоделски активности.

Но, тоа не ги обесхрабрува неуморните Јапонци! Тие, ја земаат првичната основна идеја за класично земјоделство – ја ставаат на детално разгледување, и ја адаптираат на условите во кои се наоѓа Токио. Немајќи можност да го имплементираат класичниот начин на земјоделство, поради недостаток на обработливи парцели – Јапонците се поинтензивно започнуваат да се занимават со „Вертикално земјоделство“. Трендот на отварање на вертикални фарми е во голем пораст.

Вертикално земјоделство

Што претставува поимот „Вертикална фарма“? Вертикалните фарми не се новина во светот, напротив, постојат веќе извесен период. Она што фасцинира е како тоа беспрекорно го изведуваат Јапонските земјоделци, научници и технолози. Поради недоволниот број парцели во предградијата на Токио, идејата за земјоделство оди во насока на земјоделство на спратови, односно вертикално земјоделство. Порастот во трендот се должи на практичноста на вертикалните фарми, нивната компакност и можноста да се постават било каде.

Секојдневните земјоделски грижи, како што се добро наѓубрена почва, совршени временски услови како и доволно количество на сончева светлина – не се веќе приоритет. Поради функционирањето во затворен простор – овие грижи се веќе дел од минатото! Со помош на софистицирани компјутери се контролираат сите потребни параметри, при што се запазуваат оптималните услови за одгледување на конкретна градинарска култура. Ваквиот пристап има потенцијал да ги надмине предизвиците во земјоделството, како што се температурните разлики во текот на годината, промената во климатските услови општо, како и недостатокот на квалитетна обработлива земја.

Статистиките и бројките се непогрешливи, и сите одат во прилог на вертикалните фарми. Годишните приноси од вертикалните фарми (гледано по m²) се за 50 до 100 пати поголеми од приносите на конвенционалните фарми. Земајќи ги предвид фактите дека вертикалните фарми можат да бидат од било која димензија, и истите да се инсталираат на било која површина, а на нив да биде посадена било која култура – ги прави многу флексибилни, а со тоа и вистински избор за градовите од иднината!

Производителите на системите за вертикално земјоделство потенцираат дека нивните производи се главно наменети за урбаните средини. Нивните првенчиња биле инсталирани во предградијата на Токио, со што жителите на главниот град секогаш имале на располагање свежи земјоделски производи, кога и да им биле потребни. За пофалба е и сеопфатниот пристап на Јапонците! Со лоцирање на првите вертикални фарми во близина на Токио, се намалува и дистанцата до која треба да се испорачаат бараните производи, а со тоа се намалуваат и емисиите на стакленички гасови кои се испуштале при процесот на транспорт. Исто така, водата која се користи во овие фарми е 100% дождовница. Таа се прибира, дополнително се обогатува по потреба и се пушта за наводнување. Како што знаеме, добар дел од структурата на растенијата во принцип е вода. Јапонците не трошат ништо што може повторно да се искористи, па затоа, водата која испарува од самите растенија – дополнително ја собираат и повторно ја употребуваат. Секако, ова е изводливо само заради системот на работа во затворен простор и контролираните услови. Во конвенционалното земјоделство не би можеле да се реплицираат овие процеси и методи.

Животната средина станува сѐ повеќе непредвидлива, а бројот на луѓе на Земјата рапидно се зголемува. Постојат многу начини на ефикасно земјоделство, а секако вертикалното земјоделство е еден од нив. Кога ќе пробаме да си го замислиме градот од иднината, секако дека вертикалните фарми ќе заземат значаен дел од него.

Доколку сакате да дознаете повеќе за јапонското искуство, погледнете го видеото: