Првин невреме, па високи температури – вистинска главоболка за земјоделците во Македонија
На удар најмногу се културите засеани на отворено, а според експертите најголеми штети се очекува да има кај пченицата, која е во фаза на зрење и пред собирање. Необично високите температури ќе ја доведат пченицата во фаза на дехидратација при што веќе постоечката влага во семето ќе биде исцрпена и директно ќе се намали квалитетот на зрното.
– Житните култури претрпеа топлотен удар и прашање е колкав ќе биде приносот. Покрај нив, големи штети има и кај овошните насади, бидејќи оваа година, ако се следи во континуитет, е една од најнеповолните. Кајсијата, праската, црешата, вишната, крушата и јаболката најпрвин претрпеа оштетувања од пролетните мразеви, а сега одиме во друга крајност, во која летото почна со необично високи температури. Пред некој ден неколку земјоделци од Валандовско се пожалија дека им испукале термометрите во пластениците, каде температурата е повисока и за 20 степени повеќе од таа надвор, вели д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата.
Високите температури и зголеменото зрачење на сонцето придонесува кон подгорување на плодовите, особено кај пиперката, додека пак доматите се спречени да образуваат плодови поради исфрлање на цветот.
Се препорачува засенчување на затворените простори и овозможување на што подобра циркулација на воздухот за да им се олесни на културите кои што се во фаза на плодоносење. Наводнувањето да биде зголемено, но со голема внимателност за да не се создадат услови за развој на болести.