Мисли локално, делувај глобално

Мисли локално, делувај глобално

 

 

Ковид пандемијата, како и последните случувања во Украина, беа сигнал кој ни покажа колку сме како земја и глобално земјите се меѓусебно зависни, и како да се осврнеме кон сопствените ресурси, да ги оптимизираме за да имаме подем и прогрес во национална економија.

Влијанието на руско-украинската војна веројатно е едно од најголемите глобални влијанија со кои сме се сретнале досега. Тие земји се најголеми житници, таму има огромни богатства со метали, таму е гасот… Во такви услови прашањето е што можеме ние, како мали економии и потенцијали, како единки во овој глобален свет. Одговорот е дека сè што можеме е – да се освестиме. Да почнеме да делуваме според онаа позната девиза: Мисли локално, делувај глобално. Да видиме што е тоа што мора стратегиски да си го имаме дома, да го направиме за себе. Да си обезбедиме храна и да си обезбедиме енергија, колку што можеме да извлечеме максимум од свои капацитети.

Што се однесува до храната, жална вистина е дека ние станавме зависни од сè. Со домашно производство може да ги задоволиме само потребите од јајца и од свежо свинско месо. Но, на пример, речиси воопшто немаме јунешко месо, иако се направи еден голем обид за тоа пред десетина години. Тогаш многумина купија крави, направија фарми, а потоа – поради ниските цени на млекото – го заклаа добитокот. Тоа, пак, донесе многу лични трагедии, граѓаните што направија фарми не знаеја како да се спасат од кредити, а една потресна приказна во тој бизнис заврши со самоубиство.

Секако, тоа стана лош пример, уште подестимулирачки за оние што сакаат да се свртат кон земјоделието и сточарството. Државата, пак, продолжи со практиката да дели огромни суми за субвенции – и по 200 милиони евра – што е околу 5 проценти од државната каса, а статистиките не покажаа дека се зголемил интересот за земјоделие. Статистичките податоци, презентирани од Стопанската комора, покажуваат дека од 2007 до 2018 година увозот на млеко и на млечни производи се зголемил за 50 проценти, дека во период 2007-2018 година увозот на меркантилна пченица и брашно претставува 32 проценти од вкупните потреби на мелничката индустрија. Но, стопанствениците од овој сектор тврдат дека сега состојбата е дури и полоша. Имаме фабрика за сончогледово масло, но нема или има малку домашни производители на сончоглед. И покрај тоа што производството е договорно, сè уште во зејтинот има многу малку домашен сончоглед во споредба со увезениот. Наспроти сите овие факти, речиси нема село во Македонија во кое нема да ви кажат дека сега зараснатите површини, некогаш биле плодно земјиште што се обработувало.

Секако, и за обработка на земјиштето и за современото земјоделство, потребни се и бензин и струја. За бензинот можеме да кренеме раце и да кажеме дека немаме нафта. Иако и на тој план може да се работи повеќе, како на пример на конечно отворање на нафтоводот од Солун до Скопје, кој постои и кој едно време се користеше додека „Окта“ произведуваше деривати, а кој потоа се адаптира за пренос на дизел гориво, но горивото никогаш не потече низ цевките.

Во однос на струјата, јасно е дека веќе немаме јаглен и дека цела Европа кон која се стремиме во голем дел ги напушти јагленокопите, ама јасно е и дека може да ги отвори ако има потреба. Ние требаше да си ги изградиме рудниците, тие што можевме, како оној во Живојно. Можевме досега да ги изградиме хидроелектраните Чебрен и Галиште. Но, можеме и сега сето тоа да почнеме да го правиме. Одлучно и без задни намери. Затоа што пандемијата, а сега и руско-украинската војна, покажаа колку станавме зависни од светот, занесени од спакуваните маркетиншки глобални приказни и загубени во сопствениот двор, со подредена национална економија.

 

Извор: Сакам да кажам

 

Категории: Вести