Владината одлука за определување на највисоката трговска маржа ги замрзна маржите на 5 % на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 % на продажната цена во трговија на мало, како посебен услов во трговијата.
Ако намерата на Владата e заштита на социјалната категорија граѓани, домашните трговци на големо и на мало велат дека се подготвени за соработка.
Според официјално достапните податоци, структурата на трошоците на трговијата на мало изнесува вкупно од 25% до 30% од прометот. Само за плати се издвојуваат 10 – 12 % од прометот, а со носењето на Законот за минимална плата и со нивното линеарно зголемување, тој процент ќе биде и повисок. На енергенси отпаѓаат 5 – 6 %, на одржување 7 – 10 %, а за плаќање закуп за простор од 3 до 4 % од вкупниот промет. Оттука, ако маржата се замрзне за одреден период, таа треба да биде во висина од 20% во трговијата на мало.
Сегашната листа не соодветствува со целта на мерката, а тоа е заштита на социјалната категорија на граѓани, велат трговците кои бараат да се ограничи листата каде се наведени групите на свежо месо и сувомеснати производи, сирење и урда каде спаѓаат многу различни видови и категории на сирења, кашкавали. Или пак групата на овошје и зеленчук, бидејќи производи како авокадо, ананас, манго, артичока и слично се производи кои секако не би требало да бидат предмет на помош во оваа ситуација.
Многу поголем ефект за оваа категорија граѓани би имало доколку мерките се насочени кон навистина неколкутте основни и важни производи за населението за кои е наменета мерката, сметаат трговците.
Од Стопанската комора велат дека ако не се направи корекција на листата на производи, трговците на мало ќе бидат принудени овие производи во наредниот период да ги откажат или пак тие нема да бидат доставени од страна на дистрибутерите, што ќе има негативни последици врз работењето и на производителите и на трговците.
Од 26 до 28 февруари, пред завршување на важноста на претходната мерка со која беа замрзнатите цените на основните прехранбени производи, имаше зголемена побарувачка за одредени производи, веројатно од страв дека цената на истите по истек на мерката драстично ќе се зголеми со што купувачите правеа свои залихи.
Недостатокот на одредени производи е и резулат на недоставување на дел од производите и од самите добавувачи, кои ги известија трговците на мало дека поради новите мерки дел од производите нема да ги пласираат. Голем проблем е и различното толкување за производните процеси и производи од страна на надлежните институции. На пример доработката на месото кај поголемите маркети не се признава, а тоа е дел во кој има доста вработени. Ист е случајот и со делот на сопствено производство на големите маркети кое не се признава иако тој дел од компанијата е регистриран со посебна шифра за преработка и производство.
Недостигот на одредени производи од која било причина повеќе од сигурно ќе доведе до зголемување на цената на истите.