Изграден систем за наводнување во Општина Босилово – средствата обезбедени од европските програми за развој

Изграден систем за наводнување во Општина Босилово – средствата обезбедени од европските програми за развој

 

Амбасадорот на ЕУ во нашата држава Дејвид Гир, заменикот министер за земјоделство шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и градоначалникот на Босилово, Зоран Зимбаков, денеска го пуштија во употреба малиот систем за наводнување од браната Чаушица, од каде ќе се се наводнуваат површини меѓу селата Хамзали и Дрвош.

Со системот се обезбедува наводнување на околу 85 хектари обработливо земјиште на стотина земјоделци, а средствата во висина од половина милион евра се обезбедени од европските програми.

-Европската унија дејствува на различни нивоа со цел да им даде подрршка на земјоделците. Едно од тие нивоа е на ниво на заедница како што можеме да видиме денес со мали системи за наводнување, но истовремено и за окрупнување на земјиштето и формирање на земјоделски задруги кои ќе ги зајакнат земјоделците, рече евроамбасадорот Дејвид Гир.

Тој се осврна и на влијанието на климатските промени врз земјоделство и го потенцираше значењето на Зелениот договор на ЕУ, што се состои од два дела.

-Првиот е заложба и посветеност да се постигне климатска неутралност до 2050 година, а вториот дел се однесува на политиките и програмите, коишто ќе помогнат да се постигне климатската неутралност, додаде амбасадорот Гир.

Заменик министерот Трајан Димковски истакна дека изградбата на системи за наводнување и одржување на постоечките е еден од клучните фактори за ефикасност на земјоделското производство.

-Земјоделците ќе ја користат водата од браната Чаушица преку нов, затворен систем за наводнување во должина од 7 километри од примарна и секундарна мрежа. По триесет години направена е реконструкција на испустниот вентил на браната, со кој се регулира истекувањето на водата, а целокуопниот систем овозможува заштеда на вода и употреба на модерни системи „капка по капка” од страна на земјоделците, рече Димковски.

Градоначалникот на Босилово, Зоран Зимбаков, ја поздрави изградбата на системот за наводнување и истакна дека во иднина може да се очекуваат и други вакви проекти кои ќе значат многу за граѓаните од оваа општина.

 

Извор: МИА