Системи на производство во хидропониката

Системи на производство во хидропониката

 

Со текот на времето како се унапредувала технологијата на хидропониката, почнале да се развиваат и различни системи на производство. Некои од нив се пасивни, како Вик системот (капиларно пренесување на хранливиот раствор со помош на јаже), а некои се активни, што значи дека користат пумпи и гравитациона сила за да обезбедат постојано движење на хранливите раствори во рамките на системите. Вик системот користи различен материјал како фитил (полиестер, најлон и други материјали) за да обезбеди хранлив раствор за коренскиот систем на растенијата преку капиларно пренесување.

Во продолжение ќе објасниме неколку системи кои припаѓаат на активната група на системи за хидропонско производство.

Холандски метод на производство во кофа

Систем изграден од специјални кофи, одводни цевки и резервоар. Кофите се дизајнирани на таков начин што можат да се монтираат на дренажните цевки. Овој систем е погоден за оние што сакаат да произведуваат во домашни услови, но може и за комерцијално производство (во голема мера зависи од културите што треба да се одгледуваат). Холандскиот метод во кофа бара употреба на погруб медиум, како што е експандирана глина или перлит. Причината поради која се користи погруб медиум е тоа што растенијата треба да имаат поцврст и поригиден медиум за да може кореновиот систем да се задржи на нешто.

Систем со прилив и проток

Ова е навистина соодветен метод за поставување хидропонска фарма во домашни услови. Работи на принципот „поплавување и одводнување“, каде што на претходно дефинирана фреквенција пумпата за вода ќе ја поплави комората за растење, овозможувајќи растворот од хранливи материи рамномерно да се распредели меѓу растенијата. Кога растворот ќе достигне одредено ниво, цевката за одводнување го враќа растворот во резервоарот каде што дополнително се меша и се збогатува со кислород за следното поплавување. Овој метод е многу популарен кај градинарите и постојат веќе направени комплети кои се комерцијално достапни и спремни за употреба. Соодветни медиуми за овој систем се проширени глинени топки, камена волна и перлит.

Хидропоника системи

Систем капка по капка

Името на системот јасно ги објаснува принципите на таквата хидропонска фарма. Овој систем е особено добар за одгледување култури со поголем хабитус, бидејќи секоја култура е засадена во посебен сад. Цевката за системот капка по капка, почнувајќи од резервоарот, се протега до секој сад каде што пумпата за вода редовно испорачува одредена количина на хранлив раствор. Вишокот раствор се цеди од комората за растење во канал што го враќа растворот во резервоарот со помош на гравитацијата. Некои од системите можеби немаат канали што ја враќаат водата во резервоарот, но пумпата за вода пумпа прецизна количина на раствор што одговара на потребите на земјоделските култури и го одржува влажниот медиум до следното наводнување. Од голема важност е количината на растворот да биде точна, затоа што недоволната течност помеѓу закажаното наводнување може неповратно да ги исуши корените на растенијата што ќе резултира со  неуспешно производство. Ова е последната работа која би ја посакал кој било производител, без разлика дали е професионалец со целосно автоматизирана хидропонска фарма или амбициозен аматер со импровизиран систем во домашни услови. Во целосно автоматизирана хидропонска фарма, садовите без канал може да бидат од голема корист, практично и финансиски, бидејќи не се потребни канали за дистрибуција до резервоарот, истовремено заштедувајќи скапоцени количини на вода. Од друга страна,  таквата техника бара постојана контрола на нивото на хранливи материи во растворот.

Хидропоника системи

Техника на хранлив слој

Популарен метод каде затворен канал со V-форма се користи за садење на култури. Овој канал исто така е навален надолу за да создаде проток  за вишокот хранлив раствор кој е помогнат со помош на гравитациска сила. Пумпата треба постојано да работи обезбедувајќи постојан проток на хранлив раствор што формира слој во каналот. Претставува техника која е многу погодна за одгледување мали растенија, како зелена салата, спанаќ и разни билки. Може да се спроведе во големи размери каде што е потребно високо ниво на автоматизација, бидејќи растенијата може да бидат подложни на задушување или венење ако системот не работи правилно како резултат на дефект на пумпа или прекин на електричната енергија.

Хидропоника системи

Систем на пловечки сплав

Еден од најкористените методи за производство на зелена салата или друг зелјест зеленчук. Комората за раст има поголеми димензии од другите типови на хидропонски системи, бидејќи треба да држи поголеми количини на вода што им овозможува на полистиренските сплавови слободно да пловат на површината. Со помош на пумпата за вода се прави проток кој им помага на сплавовите да се движат низ комората. Ова е особено корисно во поголеми размери што им овозможуваат на производителите да ја подобрат својата ефикасност во извршувањето на оперативните активности. Пумпите за воздух мора да работат беспрекорно за да спречат еден од најчестите проблеми во овој вид производство – стагнација на вода и задушување на растенијата.

 Хидропонски систем

Аеропоника

Аеропонскиот начин на производство е едноставно суспендирање на растенијата во воздух додека постојано се снабдуваат со потребните хранливи материи преку создавање на магла, одржувајќи 100% влажност. Една од најважните карактеристики на системот е тоа што на корените максимално им се обезбедува кислород, што овозможува производство на здрави и свежи производи. Поради сложеноста на системот, и финансиски и оперативно, овој метод најчесто се користи во лабораторија за истражувачки цели. Главна аномалија на системот е можноста од неправилно работење на млазниците за замаглување и пумпата за вода, што резултира со брзо губење на родот.

Хидропоника системи

ФОТО: Agnes Williams, Hydroponics 101: A Complete Guide

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури