Колку е опасен столбурот за производството на домати и како да ги спречите штетите?

Колку е опасен столбурот за производството на домати и како да ги спречите штетите?

Столбурот како  заболување е распространето во Европа и на Блискиот исток. Повеќе е присутно во реоните со потопла и сува клима, во Централна и Југоисточна Европа, околу Средоземното Море, како: Франција, Бугарија, Романија и поранешна Југославија.

Во Македонија редовно може да се сретне во насади од домат и пиперка. Оваа болест нанесува големи економски штети, бидејќи во годините со епифитотична појава може да го намали приносот кај доматот и до 50%.

Симптомите се појавуваат во вид на жолтеење и деформирање на листовите, цветовите и плодовите. Исто така се  намалува родноста и квалитетот на производите. Најкарактеристични промени се јавуваат на врвовите од растенијата, стануваат крти, а кон врвовите се појавува виолетова нијанса. Листовите од горниот дел од растенијата, посебно врвните се закржлавени, додека нерватурата на листовите е изразено задебелена.

Растенијата, општо, даваат помалку цветови. Венечните ливчиња се слабо развиени, деформирани и имаат зелена боја. Чашкините ливчиња се силно развиени, сраснати, насочени кон горе, формираат една чаша со виолетова боја. Доколку се заметнат плодовите, тие се деформирани, ситни, тврди (задрвенети), на врвот со еден израсток како папок, поради што болеста се налекува “воловски папок ” (“Big bud”). Таквите плодови не се за консумација.

столбур-изглед на заболено растение

изглед на заболено растение

Причинителот на ова заболување е фитоплазма (Stolbur phytoplasma). Таа нема цврст клеточен ѕид, има едноставна цитоплазматска мембрана, поради што има полиморфен облик. Фитоплазмата се оддржува во едногодишни и повеќегодишни растенија. Од повеќегодишните растенија – домаќини познати се полскиот слачец (Convolvulus arvensis) и обична добрејка (Lepidium draba). Исто така, фитоплазмата се пренесува преку инсекти – вектори и најчесто тоа се цикадите.

Во Македонија, повеќе е распространета цикадата H. obsoletus. Сите стадиуми од развојот на цикадата се преносители на патогенот. Еднаш заразена со фитоплазми, останува постојано заразена и во неа патогенот се размножува. Цикадите се склони повеќе да се хранат на плевелните растенија, пиперката, доматот и други, но кога ги нема, тие се хранат со компирот. Интензитетот на столбурот кај доматот зависи од популацијата на цикадите во текот на вегетацијата. Познати се години на столбур кај доматот и пиперката. Инсектот е термофилен, па и столбурот се јавува во години со топла и сува клима.

Спречувањето е тешко. Се препорачува уништување на цикадите со соодветни инсектициди, уништување на плевелните домаќини на фитоплазмите. Во услови каде што се појавува заболувањето со посилен интензитет се препорачува одгледување на порани сорти на домат, со цел плодовите да се соберат пред да настапи масовниот лет од цикадите. Засадување на кулиси (по еден ред) високи култури, како пченка, околу осетливите растенија (пиперка, домат). Се препорачува редовно спречување на цикадите со соодветни инсектициди.

Категории: Култури