Што претставува интегирана заштита на растенија?

Што претставува интегирана заштита на растенија?

 

Интегрирана заштита на растенија е ефикасен и еколошки чувствителен пристап во процесот на намалување на дејството на штетните инсекти и патогени, кој се основа на создавање на долгорочна стратегија со помош разни  техники и методи. Интегрираната заштита секогаш користи тековни информации за животниот циклус на штетниците и болестите, како и за нивната интеракција со околината. Овие информации, во комбинација со достапните методи за контрола, се користат за контрола на штети во земјоделското производство со приоритет на употреба на најекономични средства и со најмала можна опасност за луѓето и околината.

Овој пристап се применува во професионалното земјоделско производство, но исто така може да се примени и во аматерски градини и мали стакленици. Интегрираната заштита првин ги користи сите соодветни опции за управување со штетници и болести, вклучувајќи, но не и ограничувајќи се на разумната употреба на синтетички пестициди. Спротивно на овој пристап е органското производство на храна каде што се применуваат многу исти концепти како и во интегрираната заштита, но ја ограничува употребата само на употреба на биолошки пестициди. Потребата од имплементација на интегрирана заштита се јавува во втората половина од 20-от век, по појавувањето на првите докази за создавање на резистентност од страна штетниците врз одредени пестициди. Исто така покрај резистентноста се појавиле и други проблеми како што се сериозни напади од штетници кои што претходно не претставувале закана за производството и присуство на хемиски остатоци од пестицидите во крајните продукти.

Имплементацијата на овој тип на заштита пред сè значи преземање на активности кои ги ограничуваат штетниците во нивниот развој и спречување на поголеми штети. Наместо едноставно преку апликација на пестициди да ги елиминирате штетниците што потенцијално би направиле штета, првин треба да се согледаат различните фактори и влијанија на агроекосистемот. Со помош на овие информации, може да создадат услови кои се неповолни за штетникот кое ќе резултира со драстично намалување на потенцијалните штети.

Најефективниот, долгорочен начин за управување со штетници е преку употреба на комбинација од методи кои ќе дадат многу поголем ефект доколку бидат искористени истовремено, отколку употребувајќи една по една. Генерално интегрираната заштита се дели на неколку категории на контрола:

Биолошка контрола

Биолошката контрола е употреба на природни непријатели – предатори, паразити, патогени и конкуренти – за контрола на штетниците и штетите што ги причинуваат. Во природата скоро секој организам може да има конкурентен организам кој може да ги исцрпи истите ресурси кои ги користи организмот кој причинува штети во земјоделското производство.

Агротехничка контрола

Агротехничките контроли се практики што го намалуваат присуството, размножувањето, ширењето и преживувањето на штетниците. На пример, имплементација на правилен плодоред може значително да го намали присуството на одредени патогени кои што биле присутни кај претходната култура.

Механичка и физичка контрола

Механичките и физичките контроли директно ги елиминираат штетниците, можат да го спречат навлегувањето во затворен простор или пак да ја направат околината несоодветна за егзистенција. Стапиците за глодари се пример за механичка контрола. Физичките контроли вклучуваат употреба на заштитни прекривки како бариери, стерилизација на почвата со пареа за управување со болести.

Хемиска контрола

Хемиска контрола претставува употреба на хемиски пестициди. Во интегрираната заштита, пестицидите се користат само кога е навистина потребно и најчесто во комбинација со други пристапи за поефикасна, долгорочна контрола. Пестицидите се избираат и се применуваат на начин што ја минимизира нивната штета врз луѓето, организмите кои што не се цел на оваа контрола и околината. Притоа се користи најселективен пестицид што ефективно ќе го спречи таргетираниот штетник.

Тимот на Моја Фарма го охрабрува употребувањето на неконвенционални еколошки методи кои на крајот ја постигнуваат истата цел како и употребата на хемиски пестициди. За таа цел е подготвен серијал од едукативни текстови кои што ќе ви помогнат при креирање на сопствени стратегии кои што ќе создадат ефективно справување со штетници и болести и истовремено ќе овозможи производство на здрава храна.

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Едукација, Култури