Авионското засејување годинава со три летала – Најавена заштита на земјоделските површини со сребрен јодид
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, заедно со директорот на Управата за хидрометеоролошки работи Костадин Ацевски, на спортскиот аеродром Стенковец, ја најавија авионска заштита на земјоделските површини од временски непогоди, за оваа година.
Годинешната постапка за јавна набавка на услуги за модификација на време со авионско засејување на градоносни облаци е завршена. За најповолна понуда е избрана понудата на Аероклуб „Скопје“, кој согласно договорот ги става на располагање своите воздухоплови, кои ќе вршат авионско засејување на облаците со реагенс – среберен јодид. Вредноста на јавната набавка е иста колку и минатата година и изнесува околу 60 милиони денари. Средства се обезбедени преку Програмата за рурален развој на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Новина за оваа година е тоа што наместо два, на располагање ќе бидат три воздухоплови. Со тоа ќе се постигне подобра покриеност на целата територија на Република Северна Македонија и ќе се зголеми можноста за делување на повеќе региони, кога се истовремено зафатени од појава на град. Овој метод на заштита од град, прв пат беше воведен минатата година. Според анализите кои ги направи Управата за хидрометеоролошки работи, методата е успешна и ги оправда очекувањата. Од анализата може да се види дека во 2020 година имало натпросечен број на денови со нестабилна облачност, поради што се испалени вкупно 1083 палки, односно 433.20 килограми реагенс, за време од вкупно 180 часови лет на воздухопловите. Овој начин на заштита е еден од најсовремените и се смета за безбедна метода која ја користат многу држави. Следствено на сето ова, ние оваа година продолжуваме со овој модерен начин на заштита на земјоделските посеви од град“ изјави министерот Хоџа.
Тој потенцираше дека авионското засејување е само еден чекор од стратегијата за заштита на земјоделските посеви и потсети дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство неодамна започна процес за воспоставување на систем на земјоделско осигурување во нашата земја, во соработка со Министерството за земјоделство на Турција и турската агенција за управување со земјоделскиот осигурителен систем – ТАРСИМ. Работните групи од двете страни, интензивно работат за што побрза имплементација на овој модел на осигурување кај нас.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, на пилотите кои ќе ги управуваат воздухопловите им посака безбеден лет и успешни интервенции.
Со усшепно спроведената јавна набавка, Управата за Хидрометеоролошки Работи ја спроведува својата законски дефинирана надлежност и обврска за оперативна одбрана од град. Притоа се следат современите текови и процеси во оваа област.
„Ваквиот начин на одбрана од град се состои од два сегменти: логистички, што подразбира рана детекција на градоносните облаци и точна и навремена информација за нивната локација и потребната количина на реагенс, и оперативен сегмент што подразбира дејство на авионите во воздух и внесување на потребната количина на реагенс директно во нестабилната воздушна маса, односно градоносните облаци. Логистичкиот дел го спроведува УХМР, преку своите радарски системи, распоредени во радарските центри Ѓуриште и Тополчани, додека оперативниот дел е обврска на избраниот економски оператор во отворена постапка за јавна набавка. Иако радарските системи се целосно сервисирани во 2018 и со тоа ставени во функција по подолг период, а од тогаш и редовно се одржуваат, станува збор за стари радари, подложни на дефекти. Затоа еден од приоритетите на Управата на Хидрометеоролошки работи е дигитализација на постојните и набавка на нов метеоролошки радар, што ќе придонесе за поуспешно спроведување на законските надлежности во делот на одбраната од град и метеоролошко обезбедување на воздушната пловидба“ изјави директорот Ацевски.
Климатските промени се наметнуваат како сериозна закана за земјоделското производство. Земјоделците се почесто се соочуваат со влијанието на природните непогоди, за кои Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Комисијата за штети при Владата на Република Северна Македонија, исплаќа во просек три и пол милиони евра годишно, на основ штети од временски непогоди. Токму затоа, мерките кои ги превзема Министерството за змејоделство, шумарство и водостопанство се во насока на заштита на земјоделските површини. Со тоа го штитиме и трудот на земјоделецот. Го штитиме и буџетот на Владата на Република Северна Македонија бидејќи ќе се намалат средствата кои државата ги исплаќа на име на штети од временски непогоди.
Со авионското засејување на облаците, директно го штитиме земјоделскиот сектор, а индиректно глобално придонесуваме за намалување на влијанието на климатските промени.