АХВ уверува: Македонските граѓани да бидат сигурни дека консумираат безбедна храна

АХВ уверува: Македонските граѓани да бидат сигурни дека консумираат безбедна храна

Запленети и уништени речиси 240 тони храна, и извршени 55 илјади контроли од страна на АХВ во текот на изминатата година.

Николче Бабовски директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство на одбележувањето на Светскиот ден на безбедност на храната истакна дека македонските граѓани треба да бидат сигурни дека консумираат безбедна храна иако, како што кажа, секогаш, за жал, се можни и постојат и одредени пропусти.

– Како одговорна институција и во услови на пандемија, направивме максимални напори да ги заштитиме граѓаните, ги зајакнавме контролите уште од самиот почеток на пандемијата, истакна Бабовски.

Расте и интересот на граѓаните за безбедност на храната, а преку одделението за заштита на храната во Агенцијата за храна и ветеринарство, од вкупно поднесените 173 претставки, 74 се однесуваат на безбедност на храната.

Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар Велкова истакна дека нема ништо поважно од тоа ние како потрошувачи да консумираме безбедна храна и ги сподели очекувањата на потрошувачите.

Најголемите поплаки од граѓаните биле во однос на чувањето и декларацијата на производите, како и рокот за употреба.

На денешниот настан претставници од науката, институциите и невладиниот сектор дебатираа за новата европска стратегија за безбедност на храната, за перспективите и предизвиците во примарното производство во поглед на безбедноста на храната, интегралната заштита на растенијата, за флексибилната примена на правилата за системот за безбедност на храната низ призмата на потрошувачите.

Извор: MИА

 

Категории: Вести