Комисијата додели 2 милиони евра грант од ЕУ фондовите за производство на синтетичко месо

Комисијата додели 2 милиони евра грант од ЕУ фондовите за производство на синтетичко месо

 

Европската комисија, оспорена од италијанските Европратеници, застана во одбрана на одлуката за доделување 2 милиони евра од Фондот за закрепнување на ЕУ за проект кој се занимава со истражување, развој и унапредување на клеточното земјоделство, притоа намалувајќи ги трошоците за месо одгледано во лабораторија.

Проектот „Feed for Meat“ е развиен од фирмата за исхрана на животните Nutreco заедно со Mosa Meat, компанија која го произведе првиот светски хамбургер од лабораторија во 2013 година.

Mесото од лабораторија, познато и како синтетичко, вештачко или ин-витро месо, е производ кој се добива со собирање на животински мускулни клетки кои потоа се ставаат во биореактор и се хранат со протеини за да се помогне растот на ткивото.

Проектот има за цел дополнително да ја подобри одржливоста на синџирот на вредност на клеточното земјоделство и е финансиран во рамките на REACT-EU, една од најголемите програми во рамките на „Следната генерација на ЕУ“, финансиската рамка на Комисијата за закрепнување од пандемијата COVID-19.

„Поддршката од владата е голем придонес во воведувањето на вештачкото говедско месо на европскиот пазар“, коментираше Питер Верстрате, коосновач на Mosa Meat по доделувањето на грантот.

Сепак, одлуката предизвика критики кај европратениците од италијанската десничарска партија Лега, која поднесе пратеничко прашање до Комисијата барајќи објаснување за критериумите што се користат за финансирање на проектот преку програмата REACT-EU.

„Неприфатливо е Брисел да инвестира милиони евра, пари на европските граѓани, во месо произведено во лаборатории“, се вели во белешката на европратениците на Лега.

Во изјава за EURACTIV, извор од Комисијата објаснува дека управувањето со програмите за кохезиона политика ЕУ го дели со поединечните земји-членки.

Ова значи дека, во согласност со принципот за заедничко управување, проектот е избран од органот за управување – во овој случај е регионот на Јужна Холандија – назначен од земјата-членка и одговорен за изборот на проектите и нивното спроведување.

Комисијата беше информирана од властите во Јужна Холандија дека проектот „Feed for Meat“ придонесува за зелена и дигитална транзиција на која REACT-EU се фокусира во Холандија, имајќи предвид дека обезбедува поддршка за истражување и развој со цел да се овозможи зголемување на вештачкото говедско месо .

„За вештачкото одгледување на месо не е потребно да се одгледуваат голем број на животни. Како резултат на тоа, ќе има помалку емисии на стакленички гасови како што се амонијак и метан и ќе има помало загадување на почвата“, изјави изворот од ЕУ за EURACTIV.

Голем број стартапи ширум Европа почнаа да инвестираат во технологија за месо одгледано во лабораторија. Mosa Meat има за цел да обезбеди лабораториски произведени хамбургери на пазарот во Европа во следните неколку години.

Во Европа, храната која се состои од, е изолирана или произведена од клеточна култура или култура на ткиво добиена од животни, растенија, микроорганизми, габи или алги спаѓа во опсегот на Регулативата на ЕУ за новитети во храната.

Според тоа, за вештачкото месо ќе биде потребно одобрение пред да се појави на пазарот, како и одобрение од Европската управа за безбедност на храната (EFSA), иако сè уште не е јасно каков тип на нутриционистички и токсиколошки докази EFSA ќе бара за одобрување на лабораториски произведеното месо.

 

Извор: EURACTIV