Топ 10 совети за домаќински буџет за набавка на намирници

Топ 10 совети за домаќински буџет за набавка на намирници

 

Буџетирањето за намирници е наука и уметност. Многу работи мораат да се избалансираат: времето, желбите, приходот, достапноста на производите во продавниците, годишното време, животните ситуации и слично. Во текстот подолу даваме 10 совети за креирање на оптимален буџет за намирници.

  1. Следете што всушност трошите за еден месец

Пред да можете да направите реален буџет за намирници, треба да имате реална претстава на што точно ги трошите вашите пари. Можеби трошите повеќе на храна вклучувајќи пијалаци и јадење во угостителски објекти, отколку што реално сте свесни за тоа. Започнете да следите на што трошите во рамките на еден месец а тоа најлесно може да го направите доколку ги чувате вашите сметки. За да го направите ова може да користите едноставни дигитални алатки како Word, Excel или пак едноставно еден лист хартија и молив.

Оптимизирајте го вашиот список, така што ќе ги поделите вашите трошоци за храна во посебни категории. Пример категорија пијалаци (кафе, чај, сокови, алкохол) ; Свежи производи (овошје, зеленчук) ; Замрзната храна ; Млечни производи ; Месо и слично. Направете сопствен список кој ќе има смисла во однос на начинот на живот, вашите навики и навиките на вашето семејство. Клучно е да следите сè што консумирате. За да си ја олесните работата, кога ви ги наплаќаат производите на каса сместете ги сличните производи во една кеса. Секоја кеса нека претставува една од категориите на храна која претходно сте ја дефинирале. Ова понатака ќе ви го олесни пополнувањето на табелата со категории која претходно сте ја креирале.

2. Поставете си цел за месечен и неделен буџет

Вообичаено, кај нас домашниот буџет го следиме на месечно ниво. Некогаш се смееме на сопствена сметка, велејќи дека „Не можеме да врземе крај со крај“. За да се избегнат потешкотии, без разлика дали приходите ви се повисоки или пониски, треба да си зададете  месечен, или пак неделен буџет кој нема да го надминувате. Од друга страна, подеднакво е клучно да ги планирате оброците на неделно ниво, избегнувајќи да јадете во ресторан или да купувате брза храна. Би можеле да ги планирате оброците цел месец, но сепак тоа е предолг период да се планира било што. Имајќи груба претстава за тоа што ќе јадете за појадок, ручек и вечера, помага при набавка на намирниците.

3. Направете листа на приоритети

Научете се да се воздржите додека пазарувате. Научете да си кажете себеси: „Ако го купам овој производ, тогаш не го купувам другиот!“. Има одредени ставки кои се приоритетни, односно се за секојдневна употреба, како што се свежата храна и основните намирници (леб, млеко и сл.). Кон крајот на секој месец, прецртајте ги намирниците без кои можете да функционирате и дајте им приоритет на основните намирници. Ќе преживеете и без новиот вкус на чај, сосовите за оброци полни со конзерванси и штетните десерти полни со шеќери кои најчесто се поддржани преку агресивни маркетинг кампањи кои стимулираат да ги купите. Маркетинг кампањите во голем број од случаите се најсилни за оние производи без кои се може

4. Не јадете често во кафеани и ресторани

Исхраната надвор од дома е „Тројански коњ“ кога станува збор за планирање на буџетот за намирници. Се прикрадува во вашиот месечен буџет и уништува сè за што напорно сте работеле. Драматично, да, но вистинито. 

Во ред е да се појде во ресторан за некоја посебна прилика, или понекогаш со пријателите но јадењето во ресторани и кафеани никогаш не смее да биде одговор на вашата мрзеливост. Ваквиот тип на исхрана е честа појава за нашиот народ поради тоа што е дел и од културата, но и поради тоа што цените навидум се достапни. Но, реалноста не е таква, особенo онаа која следи во иднина. 

Знаејќи ги сопствените приоритети и придржувањето до нив, како и чувањето по некоја кеса замрзната храна можат драстично да го подобрат вашиот месечен буџет за храна.

5. Планска разновидност

Вашите списоци со намирници нека бидат полни со разноликост. На тој начин и вие ќе бидете здрави и витални, а разноликата храна ќе направи оброците да ви бидат пријатни за консумирање. За што станува збор!? Некои луѓе можат да јадат леб и паштета цел месец. Ќе направат сѐ  само за да заштедат некој денар. Навистина, овој начин е многу едноставен и економичен, но колку е здрав за вашиот организам!? Затоа, обидете се да планирате буџетски прифатливи оброци во кои ќе уживате, како би ги менувале оброците неколку пати месечно.

6. Направете список за намирници за во ладилникот

Чувајте листа на намирниците кои ги имате во вашиот фрижидер каде ќе водите евиденција кои намирници се потрошени, а кои ви се пред крај. Овој совет е многу корисен  затоа што имате увид во нештата кои сеуште ги имате на залиха па нема потреба дополнително да трошите пари за повторна набавка на истите. Исто така, ќе ви овозможи увид кои намирници послабо ги консумирате.

потрошувачка кошница

7. Создадете навика да фрлате што помалку храна во отпад

Остатоците од храна не мораат секогаш да завршат во кантата за отпадоци. Постојат храни кои се лесно расипливи и храни кои можат да издржат подолг период во фрижидерот без да се расипат. Затоа, инвестирајте во добар сет на стаклени садови за складирање храна. На тој начин вашата храна ќе трае подолго и ќе има добар вкус. Едноставни зип кесички, исто така, ќе завршат добра работа а воедно ќе ви заштедат и некој денар повеќе.

8. Нека не ве мамат попустите и кампањите со купони

Кога ќе видиме попуст секој од нас е програмиран да реагира некако на тоа. Има луѓе кои веднаш се залетуваат кога ќе видат попуст. Нека не ве залажуваат попустите и купоните! Попустите вообичаено нѐ прелажуваат да купиме производи кои не ни се потребни во моментот, а со тоа му наштетуваме на домашниот буџет. Наш совет е, доколку на попуст најдете некоја од намирниците кои ги користите често – купете ја! Но не ги трошите пари на производи кои никогаш нема да ги употребите. Овој совет е во голема мера поврзан и советот број 3, прочитајте го повторно!

9. Правете залихи кога има распродажба, но не претерувајте

Распродажбите и промоциите спаѓаат во иста категорија со попустите, па оттаму важат истите правила и за нив. Нема потреба да правите преголеми залихи, па макар тоа да се и намирници кои редовно ги користите. Може да се случи од една намирница да направите поголеми залихи купувајќи ја на распродажба, па да и помине рокот на употреба. На тој начин трошите повеќе пари отколку што штедите.

10. Одвојте време за да направите споредба во продавниците и на тезгите од кои ги набавувате намирниците

Предлогот за споредбено купување не мора да значи и „возење насекаде“ само за да се најдат поевтини артикли. Напротив, обрнете внимание на неколку помали гранапчиња и супермаркети од вашето непосредно опкружување и неколку тезги од најблискиот пазар и направете пресметка. Следниот пат пред да одите во набавки на намирници, можете да направите список во која продавница кои производи се поевтини и од таму да ги набавите. Ова ќе ви заштеди и време и пари!

Категории: Вести