Ајварка: Топ пет работи кои мора да ги знаете за куртовската капија

Ајварка: Топ пет работи кои мора да ги знаете за куртовската капија

 

Црвената пиперка куртовска капија (или популарно позната како ајварка) е меѓу најзастапените земјоделски култури со богата традиција во Македонија. Затоа, ви ги претставуваме петте работи кои мора да ги знаете за ајварката во претстојната сезона на правење зимници.

 

Годишното производство варира 

Дали сте знаеле дека во Македонија годишно се произведуваат околу 50 илјади тони пиперка ајварка? Оваа култура или вид на пиперка е најдобра за производство на ајвар и има долга традиција на македонската почва.

Најмногу е застапена во струмичкиот регион, и во зависност од пазарните услови нејзиното садење варира. Доколу кај преработувачките капацитети има заостанати необработени количини се случувало годишното производство на црвената пиперка ајварка да се намали и за 10 илјади тони.

Во просек исто така годишно се врши откуп на околу 40 до 45 илјади тони ајварка. Од вкупното производство од 5 до 10 тони може да се случи да останат неоткупени.

Ајварка

Фото: МИА

Спаѓа во групата најпопуларни пиперки

Постојат повеќе различни имиња за плодовите на поединечни сорти на пиперка. Најпознати видови на пиперки кои сигурно сте ги сретнале и кај нас и во светски рамки се: феферони, бабура, чили, зелена дуга, сиврија и меѓу нив е ајварката или позната и како куртовска капија. 

Карактеристики на плодот

Пиперката е еднoгодишна култура, со исправено и слабо разгрането стебло кое расте во височина. Во ботаничката зрелост плодот на куртовската капија е со интензивна црвена боја, а македонската традиционална локална сорта има темна боја со бордо нијанса и е поситна. 

Плодот на пиперката има дебел и крупен перикарп. Во технолошката зрелост пиперката е со темнозелена боја. Спаѓа во касните сорти. Многу вкусна и родна сорта. Оваа пиперка е најдобра за производство на ајвар во индустријата и домаќинствата.

Пиперката може да се користи како зеленчук, но и како зачин и лек. Исто така се користи свежа, конзервирана како туршија, сува или сува мелена (или „толчена“).

Ајварка

Колку Македонците конзумираат црвени пиперки годишно?

Пиперките според податоците на Државниот завод за статистика имаат просечна потрошувачка од околи 65 килограми по домаќинство во Македонија.

 

Сè повеќе исчезнуваат вкусните домашни сорти

Во последните години сè повеќе се произведува црвена пиперка од странски увезени семиња, наместо од домашните сорти кои полека исчезнуваат, а со тоа и некогашниот препознатлив вкус. 

Земјоделците користат семиња кои нудат поголема отпорност на плодот и унифициран изглед претежно наменети за странските пазари.

Ајварка

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Агро Бизнис