Бактериска пламеница на крушата, јаболката и дуњата – Што да преземете за справување со една од најштетните болести?

Бактериска пламеница на крушата, јаболката и дуњата – Што да преземете за справување со една од најштетните болести?

 

Бактериската пламеница претставува најштетната болест за јаболката, крушата, дуњата и другите растенија од фамилијата Rosaceae. За прв пат е забележана во 1780 година, а на Балканот во 1986 година. Истата година, во Македонија во близина на Радовиш за прв пат е забележана во насади од круша и во следните 3 години се причинети многу големи штети (400 хектари плантажни насади на круша и 60 хектари насади од дуња).

Причинител на бактериска пламеница

Причинител на оваа болест претставува бактеријата Erwinia amylovora која микроскопски гледана има изглед на заоблено стапче со влакненца (флагели). Минималната температура за развој на оваа бактерија изнесува 0.5 °С, а максималната 43°С. Оптимална температура за интензивен раст на E.amylovora e од 28 °С до 30°С.

Бактеријата ги напаѓа сите делови од растенијата, причинувајќи прегорување и поцрнување на цветовите, листовите, младите едногодишни ластари, рак-рани на ветките и на стеблото. Првите симптоми од бактериската пламеница обично се појавуваат на цветовите (венечните ливчиња) кои дехидрираат и се сушат. По боја стануваат кафеави до црни. По 24 часа од инфекцијата на плодникот се забележуваат ситни слузести капки со боја на мед. Симптомите брзо се шират кон листовите и ветките, почнувајќи со кафеаво-црни дамки покрај главниот и споредните нерви или по периферијата и помеѓу нерватурата. Врвните ветки како и ластарите, водопиите можат да бидат инфицирани директно од врвот. Првиот симптом на ластарите кај овошките и калемите е по 24 часа од инфекцијата каде што настанува искривување на врвот и појава на ситни капки со боја на мед. Подоцна ластарите со листовите поцрнуваат кон основата. Нивната кора станува кафеава која омекнува па потоа се стврднува. Врвовите од ластарите се свртени како кука (“овчарски стап”), а листовите се свртени кон ластарите. Инфицираните листови не опаѓаат и остануваат на ластарите и за време на зимскиот период.

Плодовите најчесто се инфицирани преку чашичката. Младите плодови дехидрираат, се спуруваат, мумифицираат и најпосле поцрнуваат.

Најопасна форма е бактериската пламеница при основата на стеблото, тогаш настанува угинување на целите овошки. При оваа инфекција изумира кората и дрвото над спојното место. Изумирањето го зафаќа и коренот. Најчесто е последица од слевањето на бактериите од стеблото до кореновиот врат, под дејство на дождовите или од наводнувањето со оросување. Најмасовни инфекции настануваат преку цветовите, каде што бактериите навлегуваат во толчникот.

Превенција

Неопходно е да се преземат сложени превентивни и терапевтски мерки за успешно спречување на оваа болест. Овие мерки вклучуваат режење на сите заразени ветки во зима, па и цели овошки, нивно собирање на едно место и спалување. Зимското кроење треба да се изврши додека среднодневната температура е под 15°С. Алатот за кроење треба да се дезинфицира по секоја овошка, во 10 % раствор од натриум хипохлорид.

Болеста почесто се развива кај овошки во буен раст, ѓубрени со азотни ѓубрива кои се често наводнувани. За намалување на интензитетот треба да се уништат плевелите, овошките да имаат избалансирана исхрана и редуциран број на наводнувања (најдобар метод претставува системот капка по капка). Хемиските методи подразбираат употреба на препарати кои се врз база на бакар, фосетил-Ал и антибиотици.

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури