Одржливи режими на исхрана – решение за масовната урбанизација и справување со недостиг на безбедна храна

Одржливи режими на исхрана – решение за масовната урбанизација и справување со недостиг на безбедна храна

 

 

Развивањето на системите за храна во урбани средини е едно од многуте загрижувачки прашања кога станува збор за снабдување со безбедна храна на населението. Ова прашање директно се поврзува со  постојан раст на урбано население, зголемување на недостиг на ресурси и климатски промени. Како основно решение на оваа тематика е системите во урбани средини да станат доволно одржливи во своите практики, како и да пружат отпор на секоја временска, општествена и технолошка незгода.

Досега најчесто идентификувани компоненти на одржливи системи за храна во урбани средини се однесуваат на пристап до безбедна и квалитетна храна, поврзување со локалните рурални средини, одржување на стабилна економска практика во целиот синџир на производство на храна, намалување на отпадок од храна, како и учество на сите засегнати страни во донесувањето на одлуки. Постои консензус на одредено ниво кој вклучува решенија за одржливост на системите, но како сеуште присутен предизвик е диверзитетот на изворите на храна и развојот на социјалните способности да може да се адаптираат на постојаните климатски промени.

Силниот замав на процесот на урбанизација во последните децении доведува до промена на глобалната исхрана што претставува притисок за менаџирање на животната средина и резултира со нарушување на човековата благосостојба. Управите на градските средини во повеќето развиени земји се повеќе се залагаат за донесување на правилни одлуки во процесот на справување со овие предизвици преку политика која се фокусира на практикување „одржлива исхрана“. Растот на урбаното население е поврзан со раст на режими на исхрана кои се засновани на голема потрошувачка на месо, млечни производи и преработена храна, а тоа доведува до деградација на животната средина и губење на биолошка разновидност. Овие индустрии се одговорни за околу 30% од емисиите на стакленички гасови, па кога ќе се земат предвид овие факти, неколку студии насочуваат кон усвојување на еколошки побенигни режими на исхрана на глобално ниво, што се очекува дека ќе го подобри долгорочниот капацитет на безбедна храна.

 

Оваа перспектива е опфатена од страна на ФАО (The Food and Agriculture Organization of UN) со дефинирање на терминот „одржливи режими на исхрана“, според што тоа претставуваат режими со ниски влијанија врз животната средина, кои придонесуваат за безбедноста на храна и овозможување на поздрав живот на идните генерации. Одржливите диети се пристап за производство на храна која е достапна, поздрава, која не ги нарушува еко системите и ги оптимизира човечките и природните ресурси. Покрај нагласувањето на главните аспекти за снабдување со безбедна храна, оваа дефиниција им дава важност и на други проблеми поврзани со храна, како што е употреба на хемикалии, животна средина и клима (снабдување со чиста вода, намалена емисија на стакленички гасови, правилно користење на почва), нагласување на економски и социјални аспекти за да се даде предност на еколошки исправна, сезонска и локална храна.

Моделот на одржливи режими на исхрана се заснова на четири комплементарни системи: ресурси, информации, едукација на население и владина поддршка. За функционирање на еден ваков механизам потребно е непрекинато вложување труд од страна на сите засегнати страни со вложување на нивните инпути и правилно користење на аутпутот. Методологијата на имплементирање на одржливи режими се заснова на намалено производство и консумирање храна од животинско потекло, зголемена актуализација на сезонска храна, како и намалување на трошоци за транспорт на храна, за што се предлага да се користи храна на локално ниво. Ова се врши со подигање на свеста на граѓаните за практики кои укажуваат на правилна потрошувачка на храна, информации и едукација, урбано и производство на храна во локални рамки, а сето ова допринесува за дополнително влијание на другите двигатели и динамиката на системот.

Наведените проблеми се токму фокус на проектот CITIES2030 („Ко-креирање на стабилни и одржливи системи на храна во согласност со FOOD2030“) кој има главна цел да создаде урбани системи за храна и екосистеми адаптирани на претстојните предизвици каде централно место ќе има човекот. Проектот CITES2030 ќе ги обедини истражувачите, претприемачите, лидерите на граѓанското општество и сите чинители на урбаните системи за храна и екосистемите, кои заедно ќе работат во насока на трансформација и преструктуирање на начинот на производство, транспорт, снабдување, рециклирање и повторна употреба на храната во 21 век.

Проектот CITIES2030 со траење од четири години (2020-2024) e финансиран од Европската Унија преку програмата за истражување и иновации Хoризонт 2020. Конзорциумот на проектот CITIES2030 е составен од 41 партнер од 19 европски земји, а дел од партнерите се и македонската компанија АгФутура Технологии, како и македонското здружение Платформа за зелен развој.

 

Автор: Ангела Живачки

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

 

Категории: Вести, Слајдер