Бум во осигурувањето на земјоделски посеви

Бум во осигурувањето на земјоделски посеви

  

За само шест месеци од годинава земјоделците вложиле 6 милиони евра во осигурителни полиси. Сè почестите екстремни временски прилики и големите ризици врз посевите ги мотивираат земјоделците навреме да се осигураат.

Според податоците на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, 2021 година ќе ги надмине трендовите од 2018 година – годината од кога во континуитет расте обемот на осигурување во земјоделството. Сепак, потенцијал за развој на осигурителните полиси за земјоделците постои. Со Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО,  анализираме за состојбата во изминатите години, како и за можностите за поттикнување на индивидуалните земјоделци и компании да набават полиси пред да настанат штетите.

Постојан раст на осигурувањето, и во корона-криза

Во 2016 година биле вложени 175,7 милиони денари или нешто под 3 милиони евра. Дека има раст на осигурувањето кај земјоделците говори фактот што за само шест месеци од тековната 2021 година има веќе двојно повеќе земјоделски полиси вредни околу 6 милиони евра.

Се вложува во полиси за различни типови земјоделски осигурувања, и кај индивидуалните земјоделци и кај земјоделските компании. Иако во 2020 година имавме период на карантин, полициски часови и бројни рестрикции поради пандемијата со КОВИД-19, растот на осигурување не престанал. Годишниот раст во 2020 година споредено со претпандемиската 2019 година е 26%.

Тоа значи дека во континуитет расте потребата и свеста кај сите земјоделци (без разлика дали се индивидуалци или фирми, агропроизводители или сточари) да ги осигуруваат своите посеви, плодови, живина и стока од временски непогоди и од болести.

Во првата половина од 2021 година продажбата на полиси за осигурување посеви и плодови кај земјоделски фирми изнесува 156 милиони денари и тоа е за 24 % повеќе во споредба со цела 2020 година. Растечки е трендот и кај осигурувањето на посеви и плодови кај индивидуалните земјоделци затоа што за половина година достигнале 180 милиони денари наспроти цела 2020 година кога изнесувале 200 милиони денари.

Во постојан раст и износот на исплатени штети

Генерално земјоделското осигурување расте контиунирано, но сепак капацитетот за раст е уште отворен и многу голем.

Крсте Шајноски

„За нас како регулатори на осигурителниот пазар е клучно износите на исплатени обештетувања за настанати штети во земјоделството да го следат растот на продажбата на полиси за осигурување. Износите на исплатени штети од осигурителните компании кон земјоделците растат континуирано од 2017 година до сега. Тоа значи сигурност односно поддршката за земјоделците при споделување на ризикот што е еден од условите за самоодржлив развој на оваа стопанска гранка која е од најголемо стратешко значење за националната економија. Многу е веројатно дека годинава износот на исплатени штети ќе го надмине минатогодишниот затоа што за шест месеци се исплатени штети во бруто износ од 162 милиони денари наспроти 317 милиони денари исплатени за цела 2020 година. Морам да истакнам дека контиунирано ги следиме состојбите и дека иако постои раст во земјоделскиот осигурителен сегмент има голем простор за подобрување на состојбите”, вели Шајноски претседател на Советот на експерти на АСО.

Х. С.

Категории: Агро Бизнис