Важноста на резидбата при спречување на пепелница кај јаболката

Важноста на резидбата при спречување на пепелница кај јаболката

 

Производството на јаболка  е еден од главните столбови на овоштарството во Р. Македонија. Во 2019 година, според Државниот завод за статистика, вкупно биле посадени скоро  5 милиони дрвја јаболка со вкупен капацитет на  производство од 89 илјади тони јаболка. Јаболкото претставува најизвезувано овошје од Р. Македонија. Извозот се зголемил за 34% во споредба со минатата година. Во периодот од јануари до септември во државата влегле 14.4 милиони евра од продажба на јаболко.

Пепелницата претставува значајна болест од економски аспект бидејќи влијае на намалување на вигорот на дрвјата, го намалува бројот на плодните пупки како и квалитетот на плодовите. Оваа болест е предизвикана од габа која создава симптоми кај младите изданоци, листови, цветови и плодови. Најзабележливи симптоми се појавуваат по површината на листовите и плодовите во вид на бела материја која е составена од мицелиумот на габата. Презимените инфекции во дормантните цветови и пупки обезбедуваат доволно инокулум за настанување на болеста кога ќе се појават оптимални услови. Во пролет кога терминалните или врвните пупки ќе почнат да растат, габата ги колонизира младите и зелени ткива. Зафатеното ткиво има сребрено-сивкаста боја и најчесто е со заостанат раст.

Зафатено ткиво Podosphaera leucotricha

Јануари е месец во кој се врши зимска резидба на јаболката и другите видови овошки. Од особена важност претставува визуелната инспекција на пупки на кои има настанато инфекција од Podosphaera leucotricha за време на претходната сезона.

Дормантни пупки инфицирани од пепелница (C. Duyvelshoff, Perennia)

Зафатените делови се сечат и целосно се отстрануваат од овоштарникот за да се избегне контаминација на здравите овошки. Исто така, сите растителни остатоци од јаболката кои што со текот на времето паѓале на земјата треба да се отстранат бидејќи претставуваат потенцијален извор на зараза доколку на нивната површина има присуство на инокулум од габата.

Резидбата треба да се избегнува  кога има многу ниски температури. Ниските температури дополнително го зацврстуваат стеблото кое што потоа тешко се сече, напукнува и многу споро зараснува.

Пред и после извршувањето на резидбата, алатките кои што се користат потребно е да бидат темелно исчистени за да се избегне пренесување на инокулум од габата.

Автор: Марио Петковски

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Култури