(Видео) Цел: Нула Глад

(Видео) Цел: Нула Глад

 

Целите за Одржлив Развој се план за постигнување подобра и поодржлива иднина за сите. Тие се однесуваат на глобалните предизвици со кои се соочуваме, вклучувајќи ја сиромаштијата, нееднаквоста, климатските промени, деградацијата на животната средина, мирот и правдата. Обединетите Нации во својата агенда имаат зацртано 17 цели. Под реден број 2 во агендата е искоренувањето на гладот во Светот (Goal 2: Zero Hunger).

По децении на постојан пад, бројот на луѓе кои страдаат од глад – мерено според распространетоста на неухранетост – почна повторно полека да се зголемува во 2015 година. Сегашните проценки покажуваат дека скоро 690 милиони луѓе се гладни, или 8,9 проценти од светската популација – што претставува зголемување за 10 милиони луѓе за една година и за речиси 60 милиони за пет години. Светот не е на пат да постигне Нула Глад до 2030 година. Ако продолжат неодамнешните трендови, бројот на луѓе погодени од глад ќе надмине 840 милиони до 2030 година.

Според Светската програма за храна, 135 милиони страдаат од акутен глад главно поради конфликти предизвикани од човекот, климатски промени и економски падови. Ковид-19 пандемијата би можела да го удвои тој број, со што дополнителни 130 милиони луѓе ќе бидат изложени на ризик да страдаат од глад до крајот на 2020 година.

Со повеќе од четвртина милијарда луѓе потенцијално на работ на глад, треба да се преземат брзи мерки за да се обезбеди храна и хуманитарна помош за најзагрозените региони.

Во исто време, потребна е длабока промена на глобалниот систем за храна и земјоделството, ако сакаме да нахраниме повеќе од 690 милиони луѓе кои се гладни денес – и дополнителните 2 милијарди луѓе што ќе ги има светот до 2050 година. Зголемување на земјоделската продуктивност и одржливото производство на храна е клучно за да помогне во ублажувањето на опасностите од глад.

Категории: Зелен развој