Ќе јадеме ли инсекти – Зошто се бара алтернативен извор на протеини за спас на синџирот на исхрана?

Ќе јадеме ли инсекти – Зошто се бара алтернативен извор на протеини за спас на синџирот на исхрана?

 

Појавата на голем број на фарми на инсекти е нов тренд кој наводно може да биде решение за недостигот на храна и поголема одржливост во земјоделството. Можеби нема веднаш човечката диета да се базира на црви, но според истражувачите богатиот извор на протеини може да биде одговор за проблемите на земјоделството со одржливоста, како и надоместување на светскиот недостиг на храна кој се очекува да се случи во наредните децении како што ќе расте популацијата на планетата.

За поголемо истражување на ефектите на фармите на инсекти креиран е проект вреден 2.2 милиони американски долари. Средствата се доделени од Националната научна фондација од САД на повеќе научни и индустриски партнери, односно универзитети од Индијана, Тексас и Мисисипи, како и Центарот за одржливост на животната средина и Insect Farming.

Главната заложба на проектот ќе биде да најде алтернативни извори на протеини и менаџирање на биоотпадот во земјоделството и синџирите на исхрана. Црвите, и другите видови на инсекти кои се богати со протеини може да бидат извор на храна за домашните животни кои се одгледуваат на фармите.

Можеби ќе ви звучи чудно, но инсектите може да се најдат и на чиниите на луѓето во нивната исхрана како дел од состојките на различни производи, а во одредени случаи и како полу или готови производи подготвени за директна консумација.

Според проценките на ФАО при Обединетите Нации, во текот на 2050 година ќе дојде до првите посериозни недостатоци на храна, ако продолжи воспоставеното темпо на раст на светското население и исцрпување на расположливите ресурси на почва, вода и секако влијанието на климатските промени врз земјоделството.

„Вистината е дека ресурсите на нашата планета се исцрпуваат, достапноста на земјиштето и водата се на работ, со употреби кои се движат од земјоделство до урбано ширење и домување и промената на климата – продолжува загрозувањето на веќе постојното земјоделство. Одгледувањето инсекти има потенцијал да го ослободи притисокот низ целиот свет за нашите зголемени агро-индустриски системи “, вели Џели Томберлин од Texas A&M AgriLife Research.

Појдовна точка на истражувачите кои ја застапуваат оваа идеја е што способноста на инсектите да ги претворат земјоделските нуспроизводи во протеини има потенцијал да го намали или елиминира органскиот отпад во земјоделството.

Во Европската Унија веќе има воспоставена пракса на одобрување на употребата на одредени инсекти, на пример штурците и црвите се одобрени за исхрана на луѓето, додека пак одреден вид на муви се одобрени за прихрана на животни.

„Инсектите се еден од рециклирачите на природата. Можеме да ја искористиме оваа моќ кај инсектите, заедно со пријателските микроби, да го претвориме отпадот од храна и други видови органски отпад во економска можност. Ова не само што ќе обезбеди одржливо решение за безбедноста на храната и управувањето со отпадот туку и стимулирање на биоекономијата и помош во руралниот економски развој. Тоа е win-win сценарио“, посочува  Хедер Џордан од Државниот Универзитет во Мисисипи.

Употребата на инсекти во исхраната се врзува пред се со општества и држави каде има ограничен извор на конвенционална исхрана, и иако нема никакви последици врз здравјето на луѓето во западната цивилизација инсектите се сметаат за гнасни, извори на зарази и речиси и да не постои национална кујна која ги вклучува во менито, па така овој проблем може повеќе да биде културолошки отколку логистички.

 

Категории: Зелен развој