Видови симптоми при развој на растителни болести

Видови симптоми при развој на растителни болести

Надворешните промени кои се прикажуваат кај заболените растенија се резултат од самиот механизам на дејство на патогенот, заштитната реакција од страна на растението и влијанието на надворешните услови. Кај растенијата можеме да забележиме појава на исти или слични симптоми кои можат да бидат предизвикани од различни причинители.

Симптомите можат да се карактеризираат во 3 групи:

  • Општи

Овие симптоми го зафаќаат целото растение.

  • Локални

Се појавуваат на местото каде што патогенот навлегол во растителното ткиво.

  • Системични

При инфекција се зафаќаат цели ткива, делови од растението или одделни органи.

Исто така, симптомите можат да се поделат и по нивната специфичност. Специфични симптоми се оние симптоми кои што јасно се разликуваат од другите и со определена сигурност можеме да го утврдиме причинителот (типичен пример се вирусните заболувања). Неспецифични симптоми се идентични појави при инфекција и не може јасно да бидат бидат диференцирани, бидејќи истите ги предизвикуваат голем број на причинители.

Симптомите се групирани во следниве категории (Митрев и Пејчиновски, 2007):

Промени во бојата

Промените се јавуваат на цветовите и на зелените делови од растението. Најчесто овие промени се појавуваат во вид на шаренила (мозаици), панашир (јасно ограничени зелени зони), пожолтувања, оловен сјај, албинизам (целосно отсуство на хлорофил), хлороза (минимално присуство на хлорофил), црвенила и друго.

Мозаична промена на бојата

Промени во морфологијата

Најчесто при дејство на одреден паразит можат да настанат промени во морфологијата на растенијата (деформации). Деформации на листовите се предизвикани од различни фактори (габи и вируси) каде што секој причинител создава различен симптом. Таков пример претставува кадравост на листовите (Taphrina deformans), кончести листови (мозаичен вирус на краставица), свиткани листови (вирус на свиткување на листовите).

Морфолошка промена (Taphrina deformans)

Цветовите најмногу се деформираат доколку растението е заболено од вирус или фитоплазма. Плодовите под дејство на одредени патогени или регулатори на пораст се деформираат и се неупотребливи. Кај лубеницата, краставицата и тиквата настанува карактеристично сплеснување на ластарите кое е предизвикано од абиотски фактори.

Атрофија и нанизам

Атрофија претставува процес каде дел од растението заостанува во порастот, односно атрофира. Додека пак заостанувањето во растот и развојот на целото растение се нарекува нанизам. Најчесто под дејство на одредени вируси или фитоплазми настанува атрофија, а под дејство на вируси, фитоплазми, генетски промени и фактори од нежива природа настанува нанизам, односно спеченост.

Нанизам (Arabidopsis thaliana)

Хипертрофија

Претставува процес каде што настанува прекумерно создавање на нови клетки кои подоцна се манифестираат во вид на израслини, задебелувања, тумори. Хипертрофијата е целосна спротивност на атрофијата и начинот на кој се манифестира зависи од природата на причинителот. Пример: типични задебелувања кај овошките (Nectria galligena) и тумори на кореновиот систем (Rhizobium radiobacter).

Тумор (Rhizobium radiobacter)

Венење

Венењето е процес на губење на водата, односно губење на тургорот на клетките. Губењето на водата (венење) може да биде предизвикано при оштетувања од механичка природа или од паразитни заболувања. Овој процес е реверзибилен и за механичките повреди и за паразитозите. При додавање на вода растенијата можат да абсорбираат дел од водата, но само во случај на јака паразитна инфекција кога е нарушен системот на транспорт на хранливи материи во растението, тогаш растението не може да внесе дел од водата во својот систем. Бактериите кои предизвикуваат венење се нарекуваат трахеобактерии (Clavibacter michiganensis subsp. michiganensis и Ralstonia solanacearum), а трахеомикози се сите оние габи (Fusarium oxysporum и  Verticilium alboatrum) кои го предизвикуваат истото дејство.

Венење (Fusarium oxysporum)

Дамкавост, некроза и гниење

Овие симптоми се резултат на изумирање на групи клетки или делови од растението кои јасно се ограничени од здравото ткиво. Првин пред да започне изумирање на клетките се појавуваат жолтеникави дамки (хлорозна дамкавост), а со изумирање на веќе ослабнатите клетки се појавува т.н. некрозна дамкавост. Дамкавоста и некрозата можат да бидат резултат на фактори од жива и нежива природа, додека пак гниењето се манифестира во ткива со поголема содржина на вода како последователен ефект по некрозата.

Некрозна дамкавост (MNSV)

Деструкција

Како типичен пример за деструкција на одредени органи се гламниците. Тие го разрушуваат целосниот интегритет на зафатеното ткиво и ги претвора во прашеста маса од спори.

Деструкција (Claviceps purpurea)

Паразитски организми на болни растителни органи

Овој симптом се јавува кај одредена група на патогени и претставува основна појава при остварување на зараза (инфекција). Токму по оваа појава некои болести го добиле своето име, така што при појава на пепелница кај одредени растенија, на самата површина од листовите се појавува бела прашкаста материја создадена од мицелиумот на причинителот. При појава на ‘рѓа кај одредени видови растенија, причинителот се наоѓа во самото ткиво, а на површината од зафатените делови се појавуваат купчиња со боја на ‘рѓа.

Пепелница (Blumeria graminis)

Појава на смолотечење и слуз

Овој симптом може да биде предизвикан од скоро најразлични причинители и зависи од видот на растението. Најчесто се појавува кај коскестите овошни видови и при појава на инфекција, од растението потекува леплива и густа течност која подоцна се стврднува. Во самата течност се наоѓаат спорите од бактерии и габи кои служат за понатамошно размножување на присутниот патоген.

Смолотечење

 

Референца: Пејчиновски Ф. и Митрев С. Земјоделска фитопатологија: (општ дел) Струмица:Институт за јужни земјоделски култури; 2007.