ГМО во градинарството

ГМО во градинарството

 

Подобрувањето на својствата на земјоделските растенија започнува по 1900 година, кога се потврдуваат Менделеевите закони за наследување на генетскиот материјал. Најнапред фармерите, а потоа и научните работници ги користат овие сознанија за подобрување на својствата на земјоделските култури преку селекција и вкрстување (хибридизација), процеси што траат повеќе години. Со напредокот на науката во раните 80ти години од минатиот век започнува ерата на биотехнологијата при што се развиваат нови методи за селекција на пожелни својства. Со примена на генетски инжинеринг се овозможува прецизна контрола на генетските промени во организмите, кои по извршените интервенции се нарекуваат ГМО (генетски модифицирани организми). Од раните 2000-ти, со примена на генетскиот инжинеринг може да се вклучуваат, исклучуваат или прецизно да се отстрануваат таргетирани гени, со цел да се создадат посакувани својства кај земјоделските култури. Со оваа технологија не се внесува туѓа ДНК во геномот на растението домаќин како кај трансгенезата, наместо тоа се работи со постојниот геном на домаќинот (растението).

Примената на ГМО во земјоделството има различни цели како на пример зголемување на приносите, развивање на отпорност кон одредени болести или штетници, отпорност кон абиотски стресови (присуство на тешки метали во почвата), продолжување на периодот на складирање, подобрување на одредени хранливи елементи итн.  Според податоците на ISAA (International Service for the Acquisition of Agri-biotech Applications) производството на ГМО култури од 1992 година до сега е распространето во 70 земји од светот при што се извршени 4349 регистрации за 27 растителни видови. Од земјите водечки се САД, а од културите најмногу е застапена пченката со 137 регистрирани сорти во 35 земји.

Во однос на градинарските видови, интервенциите со ГМО се ограничени на неколку култури од кои водечки е компирот. Регистрирани се нешто помалку од 50 сорти во светот со цел воведување на отпорност кон одредени заболувања, штетници или модификации во количините на скроб. Сортите модифицирани за производство на големи количини на скроб можат да бидат одобрени само за индустриска употреба, а не за храна. За храна најчесто се користат ГМО компири каде модификациите се извршени директно во геномот на компирот, без воведување на гени од други организми, а едни од најпознатите се сортите Russet Burbank и Ranger Russet. Кај доматите создадени се 11 сорти од кои ниту една не е регистрирана за комерцијална употреба во САД. Првиот ГМО домат (Flavr Savr) е создаден со цел продолжување на периодот на чување, а подоцна се креирани и други со воведување на гени за отпорност кон одредени заболувања и абиотски стресови.  Постојат и две сорти тиквички кои се регистрирани во САД и Канада, со вградена отпорност кон вирусни заболувања, како и две сорти дињи каде е интервенирано во продолжување на процесот на зреење на плодовите. На последно место е модриот патлиџан, при што е создадена една сорта отпорна на штетници, но се работи на комерцијализација на нови сорти отпорни на хербициди во земјите од источна Азија.

 

Примената на генетскиот инжинеринг во земјоделското производство, овозможува решавање на бројни проблеми со кои се соочуваат земјоделците во обезбедување доволна количина на храна за човештвото кое е во постојан пораст. Воедно се нудат решенија за справување со притисокот предизвикан како од биотски (болести, штетници) така и од абиотски  стресови (климатски промени, суши итн.).

Но, и покрај позитивните аспекти, производството на ГМО култури е проследено со бројни контроверзии во поглед на нивната употреба и ефектите што тие би ги имале како врз природата, така и врз човековото здравје. Поради тоа  и законските процедури за регистрација и означување на ГМО производи се различни во различни делови на светот. Тука е важно да се истакне дека Европската Унија има најригорозна законска рамка и до сега не е регистрирана ниту една сорта зеленчук наменет за свежа конзумација.

 

Автор: м-р Билјана Дрвошанова

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури