Дали ќе има излез од енергетската криза?

Дали ќе има излез од енергетската криза?

 

Дали ќе има рестрикции и повисоки сметки за струја или не. Двете државни енергетски компании со спротивставени ставови кога станува збор за овие две прашања.

Директорот на МЕПСО информираше дека ниту се произведува доволно струја ниту пак има доволно залихи за произвдоство.  Со спротивно тврдење се огласи директорот на ЕСМ, кој изјави дека струја ќе има повеќе од доволно, со тоа што сите државни капацитети ќе се стават во погон. Овој став го дели и Владата, од каде уверуваат дека има доволно домашно производство на струја за домаќинствата, и се прават напори да се обезбедат дополнителни колични од домашните енергетски капацитети за да се амортизира ценовниот шок за компаниите што струја купуваат на слободниот пазар.

Првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски, уверува дека рестрикции или покачување на цените нема да има.

„Не знам од кои извори се најавени се рестрикции, мое мислење и став е дека нема да има потреба од рестрикции особено во делот на домаќинставата. Имаме стабилен и црвст договор со „ЕВН Хоум“. Во однос на цената одговорно тврдам дека договорот што го имаме со ЕВН цената е фиксна и нема да има промена“, вели Ковачевски.

За да се амортизира ударот и да се зголеми производството на струја ЕСМ ги става во погон сите капациетети. Од денеска во функција е вториот блок во РЕК Битола, следната недела ќе се рестартира ТЕЦ Неготино, од први ноември и хидроелектратата Маврово. Кон средината на идниот месец и РЕК Осломеј, кој сега се сервисира почнува со производство на струја.

„Со набавката на јаглен ќе се стартува третиот блок во РЕК Битола што значи дека ќе има дополнително производство на енергија која ќе се пласира преку отворениот пазар до стапанството и институциите и со тоа да го стабилизираме пазарот и берзанстките цени во државата“, уверува Ковачевски.

Меѓутоа нема одговор кој е резервниот план доколку и овој тендер за набавка на јаглен не успее. Нема одговор ниту со колакви количини на јаглен во резерва располага државата и за колкав период се тие доволни, односно можат да ги опскрбуваат двата блока во РЕК Битола да работата со полн капацитет.

Она што е познато е дека хидроакумулациите се на околу 10 отсто од вкупниот капацитет и доколку државата се ослони на нив може да смета на производство на струја за потребите на граѓаните и државата за помалку од еден ден.

Според официјалните податоци, во моментов се троши двојно повеќе струја од колку што се произведува а оваа разлика ќе се зголеми бидејќи допрва ќе почнат да паѓаат температурите и да се троши електрична енергија за затоплување.

Само за илустрација вчера само за еден час беа потрошени 385 мегавати повеќе отколку што беа произведени или увезени.

За да се одржи енергетскиот систем МЕПСО презема, без најава, електрична енергија од европската електрична мрежа и поради тоа веќе се пристигнати 4 опомени од централата во Женева, Швајцарија. Само во саботата преземени се речиси 6 илјади мегавати за кои МЕПСО е должен 1,2 милиони евра а таа сума вчера е повисока. Проценките се дека МЕПСО во ноември ќе мора да плати над 15 милиони евра за превземената струја поради што се заканува опасност по ликвиндоста на државнаката компанија за енергетика.

„ Минатите денови имаме забележано дека производството плус увозот не е во баланс со потрошувачката. Тоа значи просто дека ние имаме недостаток на електрична енергија. Затоа превземаме енергија од европската електрична мрежа без претходна најава. Оваа енергија, може е да се користи во случај на хаварија а ние оваа енергија ја преземаме за снабдување на потрошувачите што е спротивно на сите правила. Во просек превземеме по 300 мегавати секој час. Таа количина на енергија што ни фали да ја набавиме и тука е клучот, тука е решението. Нема друга алтернатива или рестрикции, ама рестрикците во 21-иот век, во 2021-ва година никој не би ги посакувал, така да предлогот е тие количини што ни фалат, да ги набавиме на слободен пазар и тоа е тоа“, изјави директорот на МЕПСО, Куштрим Рамадани.

Владата контра МЕПСО. Струјата се повлекува од европската енергетска мрежа поради приватните компании кои не успеале да набават доволно количество и тие треба да платат.

„Во однос на повлекувањата на електрична енергија од регионалните системи, Ве информираме дека постојат Правила за балансирање кои произлегуваат од Законот за енергетика.Во нив е јасно утврдено дека операторот на електропреносниот систем им фактурира на учесниците на пазарот на електрична енергија за настанатите отстапувања од најавените физички трансакции, по цени пресметани во согласност со методологијата за пресметка за надоместок за услугите на балансирање утврдени во правилата за балансирањето на електроенергетскиот систем. Ова значи дека тие потрошувачи што правеле дисбаланси испорачувајќи помалку струја, ќе треба да ги подмират трошоците за настанатата состојба“, стои во официјалното соопштение на Владата.

Министерот за економија Крешник Бектешки денес свика состанок со првите луѓе во надлежните институции во енергетскито сектор. На седница ќе има и Владата на која според неофицијалните информации една од точките ќе биде токму енергетската криза и начините да се амортизира и надмине.

 

Извор: mk.voanews.com