Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот: Не изградивме одржлива дестинација, и годинава туризмот ќе го спасуваат домашните гости

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот: Не изградивме одржлива дестинација, и годинава туризмот ќе го спасуваат домашните гости

 

Пандемијата ја покажа суровата реалност, дека не сме изградиле одржлива дестинација, дека сме оделе на квантитет, а не на квалитет, дека на краток рок не можеме да понудиме форми на туризам кои ги бараат новите целни групи на туристи. Тоа е предизвик не само за секторот, туку и за сите релевантни институции. Не треба да си ја префрламе топката едни на други, ниту меѓусебно да се обвинуваме, туку да понудиме нешто и заеднички да градиме здрав туристички сектор, вели директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.

Во интервју за МИА, Јаневски оценува дека годинава ја дочекавме неподготвени. Туризмот и овојпат ќе го спасуваат домашните гости, но, сепак, се очекуваат и туристи од регионот, а ќе има и од други земји.  Можеме да стигнеме блиску до 300 милиони долари прилив иако е рано со сигурност да се каже колку ќе бидат исполнети ваквите предвидувања поради новиот корона сој и правото секоја земја да воведува свои мерки за заштита.

Како што информира директорот, на 19 јули пристигнуваат првите туристи од Холандија. Ќе слетаат со чартер во Охрид.

Тој уште еднаш порачува дека руралниот, авантуристичкиот, алтернативниот, еко и еко-гастро туризмот треба да бидат наш приоритет. Сите дестинации кои работеле со овие форми на туризам лани не забележале пад. Домашниот туристички сектор, пак, мора да ја смени матрицата и да работи на мали туристички групи зашто таков е трендот во светот и интересот за овој вид туризам последниве години бележи раст од 20 до 50 отсто.

Производот, нагласува Јаневски, е многу битен. Ние немаме авто-кампови, немаме сместување со еко ѕвезди, немаме понуда за фото сафари, за посматрање птици, флора, фауна… На тоа мора да се работи.

– Пандемијата и последиците од неа не треба да ни бидат изговор за она што ќе го понудиме сега, па и понатаму. Дали вистински создадовме атракции и производи за пазарите кои ни беа и ни се достапни? Јас мислам, не доволно, истакнува Јаневски.

Според него, годинава треба да покаже малку поинакво лице и поголем оптимизам- дека пандемијата ќе отвори нови граници, хоризонти и нови моности.

-Во моментов состојбата е следна: секоја држава си одлучува за своите туристи. И покрај новата линија Варшава – Охрид или рестартираната Варшава – Скопје, полската Влада донесе индивидуална одлука незваисно од ЕУ, сите нејзини граѓани кои патуваат надвор при враќањето во земјата да одат во десетдневен карантин. Тоа е всушност причината за помалиот број гости од очекуваниот. Значи, засега не можеме да кажеме колку и дали ќе се остварат годинашните проекции, зашто гледаме каква е состојбата со новиот КОВИД делта сој и со преголемата загриженост околу неговото ширење. Сметам дека капацитетите повторно, и оваа година, ќе бидат полни со домашни туристи, како и со гости од регионот: Србија, Црна Гора, Албанија, Косово. Ќе има мал дел и од Полска и Холандија. Во септември се очекуваат по 5.000 – 6.000 туристи од Холандија и од Полска, но ќе мора да ја следиме коорна ситуацијата и да се прилагодиме, нагласува директорот на Агенцијата.

Во интервјуто кое ќе биде објавено утре, Јаневски открива и дека само 200 угостителски објекти, тур-оператори, хотели и давачи на сместувачки услуги аплицирале и добиле маркичка „сигурно патување“ (Safe Travel), што не значи дека во останатите заштитните КОВИД-мерки не се почитуваат.

Тој се осврнува и на субвенционирањето, на соработката со Украина, Молдавија и Белорусија – пазар за кој, вели, во следните пет години може сериозно да се размислува, на недостигот на кадар во туристичкиот сектор, но и на се уште актуелниот проблем со непријавувањето гости во сместувачките капацитети и неплаќањето данок.

Јаневски истакнува и дека само три отсто од сите тур-оператори во земјава работат инкам туризам, како и дека се уште немаме национална стратегија за рурален туризам. Последниот таков документ бил со „рок на траење“ до 2017-та. Само 13 домаќинства досега, потенцира, се категоризирани со т.н. рурален цвет.

Директорот на АППТ заклучува дека не можеме и не треба да им бидеме конкуренција на земјите кои имаат море, никогаш така не треба да размислуваме, ниту да се споредуваме со држави како Хрватска, Грција, Египет, Турција, не треба да ги копираме во понудите, туку треба да создадеме наша, оригинална приказна.

 

Извор: МИА

Категории: Вести