Европа и храната – Предизвиците со кои се соочува системот за храна во ЕУ

Европа и храната – Предизвиците со кои се соочува системот за храна во ЕУ

 

Системите за храна во светот имаат големо влијание врз здравјето на луѓето и животната средина. Постојат многу предизвици поврзани со системите на храна. Додека 2 милијарди луѓе или 38,9 % од возрасната популација во светот е со прекумерна тежина, повеќе од 690 милиони луѓе во светот гладуваат. Околу една третина од храната е неупотреблива уште пред да стигне до пазарот или завршува како отпад кога ќе стигне кај крајниот потрошувач. Системите на храна предизвикуваат 21 % до 37 % од светските антропогени стакленички гасови.

Состојбата во Европа во поглед на нутритивни предизвици, земјоделство, загубата и отпадот од храна е предмет на анализа во извештајот на истражувачкиот тим на Фондацијата Барила, со наслов „Европа и храната. Осигурување на придобивки за животната средина, здравјето и општеството при глобална транзиција“. Овој извештај претставува проценка на системите за храна во земјите членки на ЕУ и Обединетото Кралство.  Дел од главните заклучоци наведени во Извештајот се:

  • Повеќе од 50 % од населението во сите земји опфатени во извештајот е со прекумерна тежина, а доколку на ова се додаде и недоволната физичка активност на населението, очигледна е изложеноста на ризик од хронични заболувања. Најкритична е ситуацијата кај младата популација во земјите од Јужна Европа и Обединетото Кралство.
  • Иако во повеќе земји постојат водичи за правилна исхрана, тие не се ажурираат соодветно и малку внимание се обрнува на влијанието на начинот на исхрана врз животната средина. Населението е сè повеќе приврзано кон „западниот начин на исхрана“, односно храна богата со протеини, заситени масти, преработени зрна, шеќер, алкохол и сол.
  • Деградацијата на почвата е на критично ниво и во овој контекст особено се посочува на земјите од Јужна Европа. Содржината на јаглерод во почвата, како процент од тежината, е на ниво под критичниот праг од 1,5 %.

Како една од можностите кои би можеле да понудат решение за епидемијата со прекумерна тежина е свртувањето на населението кон медитеранска исхрана, базирана на зеленчук, овошје, јаткасти и мешункасти плодови, билки и интегрални зрна, ограничен внес на  јајца, млечни производи, пилешко и морска храна и редуцирање на црвеното месо.

Поради идентификуваната потреба од зголемување на свеста на страната на потрошувачите и нивна едукација за здрав избор на прехранбени производи и создавање на здрави навики, важна е и актуелната дебата околу начинот на означување на прехранбените производи на ниво на ЕУ. Оваа актуелна тема го вклучува и предлогот за ознака на производите кои се дел од медитеранскиот режим на исхрана, покрај конкурентниот предлог за означување со познатата нутритивна ознака со 5 различни бои (Nutri-Score) согласно нутритивниот квалитет на производите.

Покрај здравствените придобивки за населението кои ги нуди транзицијата кон одредени начини на исхрана, како медитеранската, оваа транзиција истовремено би била од особена важност и за заштитата на животната средина. Имено, производството на различни прехранбени производи има различно влијание врз  стакленичките гасови, употребата на вода, загадувањето. На пример, црвеното месо кое не спаѓа во доминантите производи препорачани како здрава храна,  е и на листата на прехранбени продукти со високо негативно влијание врз животната средина, додека пак зеленчукот и овошјето се истовремено добри и за здравјето на луѓето и за животната средина.

Заштитата на животната средина е во фокус и на новата Заедничката земјоделска политика која со реформите ќе биде усогласена со Европскиот зелен договор и ќе биде ориентирана кон трансформирање на земјоделскиот сектор кон одржливост.

 

Автор: д-р Викторија Илиева

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.