Србија за 7 до 10 дена ќе ја тргне забраната за извоз и ќе ни испорача пченица, пченка, брашно и масло за јадење

Србија за 7 до 10 дена ќе ја тргне забраната за извоз и ќе ни испорача пченица, пченка, брашно и масло за јадење

 

 

За договорените количини ќе биде испратено писмо уште денеска од премиерот на македонската Влада до српската премиерка, со цел да се тргне српската забрана за извоз во следните 7 дена.

Во рамки на инструментите што ги нуди Отвoрен Балкан, денеска во Белград министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на работниот состанок со српскиот вицепремиер и министер за земјоделие Бранислав Недимовиќ, постигна договор во следните 7 до 10 дена да се тргне забраната за извоз од Србија во Северна Македонија на производите пченица, пченка, брашно, масло за јадење и да почне испораката на количините што се договрени меѓу економските партнери од двете држави, јави дописникот на МИА од Белград.

– Денеска во Белград, во рамки на инструментите што ги нуди Отвoрен Балкан се сретнавме со српскиот вицепремиер Бранислав Недимовиќ, каде на состанокот е постигнат договор во следните 7 до 10 дена да се тргне забраната за извоз од Србија во Северна Македонија на производите пченица, пченка, брашно, масло за јадење. Тоа значи дека сите договори на нашите економски партнери од сите стопански комори ќе бидат реализирани, забранатa ќе биде тргната, а за договорените количини ќе биде испратено и писмо уште денеска од премиерот на македонската Влада до српската премиерка, со цел да се тргне српската забрана за извоз во следните 7 дена – изјави министерот Николовски по средбата.

Според Николовски, „тоа значи дека Северна Македонија ќе има доволно количини на овие стратешки култури, сѐ до следната жетва и граѓаните треба да бидат смирени“.

– Работиме на алтернативни пазари и максимално сме посветени да обезбедиме доволни количини пченица, пченка, брашно, масло за јадење за потребите на секое домаќинство во Северна Македонија – кажа министерот Николовски во Белград.

На седницата на српската Влада на 10 март беше донесена одлука за привремена забрана за извоз на основните земјоделски прехранбени производи значајни за населението – пченични зрна, пченично брашно, пченка и сончогледово масло, со цел навремено да се одговори на нарушувањата на пазарот и зголемената побарувачка, поради воениот конфликт во Украина.

 

Категории: Вести, Слајдер