Инспекторатот за земјоделство со засилени контроли на откупот на пролетната зелка во Струмичко

Инспекторатот за земјоделство со засилени контроли на откупот на пролетната зелка во Струмичко

 

 

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Шапуриќ, најавува засилени контроли на откупот на пролетната зелка во Струмичко, особено во периодот до Велигден, бидејќи сега побарувачката е најголема и според него не би требало да паѓа цената.

Зоран Шапуриќ ова го кажа по средбата со откупувачите и претставници на земјоделците која се одржа вчера во Струмица и при тоа истакна дека од инспекторите се извршени контроли на откупните пунктови каде е констатирано дека пролетната зелка се откупува за 20 денари за килограм.

-Ние вршиме надзор на тоа што е наша законска надлежност, а тоа е една недела да има минимална цена, дали се во ред откупните, односно кантарните белешки, да не се откупува по една, а да се издаваат белешки на друга цена. Јас неколку пати јавно ги повикав сите земјоделци доколку имаат таков случај да поднесат приговор, но досега немаме добиено такво нешто, рече директорот Зоран Шапуриќ.

Производителите велат дека за нив исплатлива цена е од 30 до 35 денари за килограм и откупот под тие цени е нерентабилен.

-Со зголемените цени на репроматеријалите за нас не е исплатлив откупот под 30-35 денари за килограм зелка.Цените секојдневно се менуваат и нам ништо не ни е сигурно, рече земјоделцот Васе Панов.

Според трговците денеска пролетната зелка во Струмичко се откупува по 15 денари за килограм. Тоа го оправдуваат со односот меѓу понудата и побарувачката, но и заради руско-украинската криза. Таму порано завршуваше над 40 отсто од вкупниот пласман на пролетната зелка од регионот.

-На украинскиот пазар можеме да сметаме на извоз од најмногу 10 отсто, а за остатокот се се трудиме да најдеме други пазари. Интерес за зелката има од романскиот и полскиот пазар, потоа пласираме на поранешните југословенски простори и дел во ЕУ. Сега во шпицот на бербата стасуваат големи количини зелки, односно понудата е поголема од побарувачката и плус оваа градинарска култура е засеана повеќе од лани, објаснува трговецот Благој Витанов од компанијата „Империјал фруит”.

Инаку, во Струмичкиот регион годинава се зголемени површините со пролетна зелка за околу 20 отсто во споредба со лани и годинава се очекува принос од 60 илјади тони што е за 10 илјади повеќе од 2021 година.

 

Категории: Вести, Слајдер