За или против приватизација на државното земјоделско земјиште – Како се одвива дебатата во Хрватска?
Хрватска има најголем процент на земјоделско земјиште во државна сопственост од сите земји членки на ЕУ. И натаму на сила е мораториумот кој предвидува забрана за продажба на земјоделското земјиште на странски компании кои доаѓаат од земјите членки без оглед на европскиот принцип на слободно движење на капитал, стоки и луѓе. Затоа се води жестока дебата дали треба да се оди на продажба на земјиштето за земјоделски намени на приватни инвеститори, или пак државата да остане сопственик и да го применува концептот на издавање на концесии за закуп и обработка на почвата.
Хрватскиот портал gospodarski.hr ги сооочи ставовите на бизнис заедницата претставени преку Младен Јакоповиќ претседателот на Хрватската земјоделска комора и на Зоран Гргиќ деканот на Земјоделскиот факултет во Загреб (АФЗ).
Искуството од Хрватска како „млада“ земја членка на ЕУ и со релативно сличен развој на земјоделството по издвојувањето од Југославија може да биде одлична „лекција“ и за Македонија, особено што во земјава се отвори дебатата за носење на нов Закон за земјоделско земјиште кој може да ја отвори „пандорината“ кутија ако не се внимава на стратешките интереси, односно на основниот ресурс во домашното земјоделство.
Според Јакоповиќ хрватската влада треба што побрзо да направи измени на законот со цел да се засили процесот на продажба на земјоделските површини или издавање под закуп за да не се случи откако ќе истече мораториумот да дојде до наплив на моќни инвеститори кои преку посебни фондови од побогатите земји ќе може да платат повисоки суми и легитимно да откупат огромни парцели.
„Предизвиците треба да се препознаат на време и да не дозволиме да се појават инвеститори со огромни пари кои ќе можат да „купат“ секого со таа економска моќ. Најновиот пример во Хрватска е ПЗ Товарник, каде летово во медиумите видовме дека инвеститор со огромен капитал нема проблем да понуди цена за акции во компанија што е над секоја економска логика, се со цел да се приватизираат неколку илјади хектари плодни славонски рамнини. Не треба да одиме подалеку од на пример, инвестицискиот фонд Ал Дахра од Обединетите Арапски Емирати кој ја купи романската компанија „Агрикост“ пред две години, која е најголем земјоделски производител во Романија, но и најголема фарма во Европската Унија. Агро гигантот, како што се нарекуваше фармата „Агрикост“, беше во сопственост на романски бизнисмен, а вредноста на преземањето на фармата од 57.000 хектари се проценува на повеќе од 230 милиони евра. Истиот инвестициски фонд е присутен и во Србија, каде што обработува повеќе од 30.000 хектари. Секој искрен и оригинален земјоделец (голем или мал) би сакал да купи државно земјиште бидејќи тоа ќе му даде сигурност во неговиот иден бизнис, а потоа може да ги направи потребните инвестиции за да се подигне конкурентноста. Но, денес е тешко да се направи „фер“ продажба кога сите мислат дека имаат право (и тоа често се определува од финансиска моќ или политичка моќ), без обврска за производство, економски развој, рурален развој, зачувување на руралните области, вработување и многу повеќе“ вели Јакоповиќ за gospodarski.hr.
Професорот Гргиќ смета дека исто така важен е начинот и формата на користење на земјоделско земјиште.
„Занемарувањето и помалиот интензитет на производство на земјоделско земјиште е поголем во приватната сопственост денес отколку во оној што се обработува како закуп или концесија на државно земјиште, а земјоделското земјиште е основниот ресурс во земјоделството со кое мериме колку сме конкурентни во овој сектор“ вели Гргиѓ. Тој додава дека земјоделското земјиште, приватно и јавно, мора да се користи правилно, користењето мора да се следи професионално и објективно, а во случај на неправилна употреба или занемарување за многу кратко време треба да се предаде на употреба на најблискиот земјоделски производител на кој му е потребно земјиштето.
Во поглед на решенијата кои треба да се донесат пред истекот на мораториумот и подготовка на земјата за новите правила на ЕУ, од Хрватската земјоделска комора сметаат дека сериозна држава создава трендови и ги насочува економијата и земјоделството кон јасна цел, наместо да ги менува правилата на игра на секои неколку години што само доведува до уште поголема несигурност.
„Хрватската земјоделска комора верува дека постојат применливи модели на продажба на земјиште во околните земји, така што во своите разгледувања зазема став дека во нашата земја може да се примени малку изменет „словенечки“ модел на продажба на државно земјоделско земјиште. Значи, ако некој земјоделец сака да го продаде земјиштето, тој прво мора да и го понуди на локалната заедница, односно да создаде еден вид „локална берза на земјиште“. Овој модел ќе ги реши шпекулациите за продажба на земјиштето на странци“ смета Јакоповиќ.
Професорската фела застапувана од професорот Грѓиќ смета дека цената на земјоделското земјиште во иднина ќе расте и може да дојде до обиди за шпекулации и манипулации.
„Јас лично не сум за брза приватизација на државното земјоделско земјиште, бидејќи по приватизацијата на економијата и купувањето на социјални станови, ова би било трета, можеби најнеправедна приватизација во поновата хрватска историја. Поправедно е да имате ваучери за државно земјоделско земјиште и да ги дадете на секој возрасен хрватски државјанин, нека одлучи што да прави со правото на сопственост (што не е право на употреба). Државниот фонд за набавка на ваучери би се полнел од фондовите за закуп и концесија. Доколку сопствениците се решат да го продадат, тоа е нивно право, но никој повеќе не може да се жали дека некој приватизирал земјоделско земјиште против волјата и знаењето на граѓаните“, заклучува Грѓиќ.