Земјоделците во Грција во петокот започнаа протест и со нивните трактори излегоа на автопатот Солун-Атина во близина на градот Лариса, без притоа да биде прекинат сообраќајот, јави дописничката на МИА од Атина.
Протестот започна во 14 часот, а според локалните медиуми, големо е полициското присуство за да се спречат земјоделците да постават блокада на автопатот и да го прекинат сообраќајот, па така, неколку часа траеле преговорите со полицијата, која попладнето им дозволила да стигнат до автопатот, но да остават отворена една од лентите за сообраќај.
Медиумите од Лариса напишаа дека собрани се околу 300 трактори, поставени на левата и десната лента од автопатот, а земјоделците очекувале дополнително да се зголеми учеството.
Земјоделците преку протестот, меѓу другото бараа намалување на трошоците за производство, нафта без данок, субвенција за сточна храна итн.
Паралелно, министерот за земјоделство и храна на Грција, Спилиос Ливанос, претпладнето соопшти седум мерки во висина од 170 милиони евра за поддршка на земјоделците, со цел намалување на производствените трошоци во примарниот сектор.