Се подготвува законско решение со кое ќе им ги ограничи маржите од трговците на мало

Се подготвува законско решение со кое ќе им ги ограничи маржите од трговците на мало

 

 

Во Министерството за економија се подготвува законско решение кое ќе им ги ограничи маржите на дел од трговците на мало кои прават огромни заработки благодарение на високите маржи кои ги ставаат на финалната цена која ја плаќаат граѓаните. Засега нема поконкретни детали за текстот на законот, но според информациите целта е да се стави крај на нефер практиките во продажбата во ланците на супермаркетите каде властите забележале лоши практики од страна на трговците.

Според достапните информации, ќе има промена во купопродажните договори кои се склучуваат помеѓу трговците на мало и производителите или со увозниците. Владата ќе предложи со законско решение да се постават услови за тие договори, се со цел да се избегнува наметнување на висока маржа од страна на некои трговци. Според информациите до кои дојде Денар, во Министерството за економија на големо се работи на закон по примерот на многу европски држави кои веќе го имаат донесено правилото за фер и праведни услови во дејноста трговија. Од ресорното министерство потенцираат дека има значаен процент на трговци кои работат на мало, и кои набавуваат производи од домашните производствени капацитети, но и дел од стоката која ја продаваат им е од странство и на овој начин ќе се стави ред со посебен закон кој ќе биде подготвен до март оваа година. Според надлежните законот нема да дозволува повеќе нефер практики кај синџирите на супермаркети.

„Министерството за економија е во процес на анализа за транспонирање  Директива  (ЕУ) 2019/633 на Европскиот парламент и на Советот од 17 април 2019 година за нефер трговски практики во односите бизнис- то-бизнис во синџирот на снабдување со земјоделство и храна. Во рамки на синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, честа појава се значителни нерамнотежи во преговарачката моќ помеѓу добавувачите и купувачите на земјоделски и прехранбени производи“, велат за Денар од Министерството за економија.

Од Министерствот за економија додаваат дека се планира и јавна расправа од сите чинители кои учествуваат во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Од здружението на ланците на супер маркети при Стопанската комора на Македонија за Денар велат дека засега не се известени од Министерството за економија во врска со најавениот закон. Трговците биле изненадени од самата идеа дека власта подготвува некаков закон за нефер практики, а тие воопшто не се известени за тоа.

Инаку, на крајот на овој месец истекува мерката за замрзнати цени на основните прехранбени производи. Од први март па до 31 мај на сила ќе биде мерката за ограничување на маржите во трговијата на основните прехранбени производи, и тоа пет отсто на големи и десет отсто на мало. Но и покрај овие мерки за стабилизирање на ценовниот шок, Државниот завод за статистика во јануари регистрираше раст на цените на дел од основните прехнанбени производи како на пример кај лебот.

 

Извор: Денар

Категории: Вести