Земјоделците на протест на 12 јули – итна исплата или информирање на странски амбасади
На 3-ти јули се одржа состанок на новоформирани земјоделски здруженија каде што беше одлучено да се организира предупредувачки протест од страна на земјоделците. Протестот ќе биде пред седиштето на општината во Прилеп и ќе трае од 10 до 12 часот.
Со овој протест земјоделските здруженија имаат низа на барања, кои патем речено веќе требаше да бидат исполнети, како што се заостанати субвенции, мерки и подмерки, вклучувајќи ги тука и ковид пакетите. Освен тоа, земјоделските здруженија имаат и низа на предлог барања кои што би требало барем делумно да им помогнат на земјоделците во кризата во која се наоѓаат. Дел од предлог барањата кои што исто така ќе бидат во писмена форма испратени до Владата и МЗШВ се: ослободување на земјоделците од закуп на државно земјиште, ослободување од пашарина, ослободување од давачки за одводнување и наводнување.
Доколку не бидат исполнети барањата, ќе се организираат масовни протести и информирање на странските амбасади за да се запознаат со тешката ситуација на земјоделците и лошото раководење на надлежните органи.