Зошто се актуелни националните стратегиски планови за земјоделската политика во ЕУ?

Зошто се актуелни националните стратегиски планови за земјоделската политика во ЕУ?

 

Една од клучните теми во актуелните трилатерални преговори помеѓу Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот совет во врска со реформите на Заедничката земјоделска политика на ЕУ (ЗЗП) се националните стратегиски планови. Важноста на овие планови се гледа во тоа што тие се основата за имплементација на новата ЗЗП на ниво на поеднинечните земји членки и од нив ќе зависи како секоја земја ќе ги исполни целите поставени во ЗЗП на национално ниво.

Националните планови се темелат врз деветте цели на ЗЗП за периодот 2021-2027 година, кои се првично општествени, економски и цели поврзани со животната средина. За Европската комисија е исклучително важно да се има в предвид постојано придржување кон исполнување на целите на Европскиот зелен договор.

Пристапот на подготовка на овие планови е базиран на резултати и ги зема предвид специфичните потреби на секој регион, со крајна цел постигнување на целите на ЕУ поврзани со одржливост. Заедничко за сите земји при изготвување на плановите е тоа што тие ќе се фокусираат на потребите на фармерите и руралните заедници во национални рамки. Како прв чекор кон подготовка на плановите е спроведувањето на ситуациона анализа на земјоделско-прехранбениот сектор на национално ниво.

Од оваа анализа произлегуваат разликите помеѓу земјите членки во однос на приближувањето кон целите на Зелениот договор, како и разликите меѓу поединечните цели во однос на постигнатиот напредок. Поконкретно, од земјите членки се бара да постават експлицитни национални вредности за целите на Зелениот договор, со цел да се пристапи кон остварување на целите на национално ниво. Секоја од земјите во стратегискиот план треба да подготви интервентна стратегија со која ќе се одреди начинот на користење на инструментите на ЗЗП.

Транзицискиот период за актуелната ЗЗП истекува во 2022 година, а од земјите членки се очекува да ги усвојат националните стратегиски планови до крајот на годинава.

Автор: д-р Викторија Илиева

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.