Зошто треба повеќе да употребувате силажа во исхраната на добитокот?

Зошто треба повеќе да употребувате силажа во исхраната на добитокот?

 

Силажа претставува поткиселена (ферментирана) добиточна храна со влажност од 65-75%. Во втората половина од 20 век почнува да се користи помасовно во Македонија на поголемите фарми главно за исхрана на добитокот во зимскиот период. Најчесто се силажираат култури што тешко се сушат или ако при косидбата временските услови не се погодни за подготовка на сено. Како најсоодветни култури од кои може да се создаде квалитетна силажа богата со хранливи материи се пченката, сиракот, просото или хибридната Напиер (слонова) трева. Силажата во однос на сеното има предност поради подобриот квалитет, помалиот простор, полесното чување, помалите загуби и трошоци. За разлика од сувата храна, силажата нема опасност за опожарување.

Силажа добиток храна исхрана сточарство

Специјални бетонски конструкции како најсоодветен начин за чување на произведената силажа
Извор: fginsight.com

Одредувањето на pH вредноста на силажата е од круцијална важност за успешна ферментација при што доаѓа до конзервирање на хранливите материи. Конзервирањето на хранливите материи настанува на pH вредност од 4 бидејќи при ваква киселост се спречува развој на бактерии што поттикнуваат бутерна ферментација. Основен услов за стабилизација на силажата без додаток на конзерванси е во составот на силажираната растителна маса да има присуство од лесно разградливи јаглени хидрати (глукоза, фруктоза, сахароза).

Во случај на поголема pH вредност целиот процес на конзервација се движи кон создавање на материи кои ги разградуваат хранливите материи се до оној степен кога настанува лигавост и трулеж на кабастата исхрана за добиток. Како дополнителни елементи во овој процес се јавуваат и лошиот мирис и вкус, како и намалено ниво на протеини што ја прави храната со намалена сува материја и без хранливи вредности.

Успешната ферментација на силажата ги дава следните карактеристики: пријатен благо-киселкаст мирис со зелена до кафеава боја и растресита структура. За оценување на pH вредноста можат да се користат Лакмусови хартии, односно посебен вид на хартија кој при одредена реакција ја менува бојата во зависност од pH вредноста на испитаниот материјал (плава боја за алкална реакција и црвена боја за кисела реакција).

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Сточарство