Интервју Добра Земја: Дојдете на Пазарчето за да ги пробате квалитетните македонски органски производи

Интервју Добра Земја: Дојдете на Пазарчето за да ги пробате квалитетните македонски органски производи

Како и претходната, така и оваа и наредната сабота ќе се одржи пазарчето на органски производи во Јавна соба организиран од Добра земја и Бакалница. Добра земја е првата задруга на потрошувачи во Македонија. Нивната работа е насочена кон воспоставување алтернатива на постојниот систем на производство, дистрибуција и консумација на локална храна. Нивната цел е промоција на органското локално производство, унапредување на задругарството, поддршка на малите производители и заштита на животната средина. Со нив разговаравме за идејата да се организира пазар на органски производи за едно поубаво и релаксирано пазарење на основни намирници. Пазарењето почнува од 10 часот во Јавна соба и купувачите ќе може да најдат квалитетни органски производи од македонските производители, но и да се информираат за дистрибутивните канали.

Разговараше: Христијан Станоевиќ

pazar organski

МојаФарма: Кои се првичните впечатоци од првата недела од Пазарот на органски производи, има ли одѕив од страна на потрошувачите и како ќе се одвива пазарот во наредните две саботи?

ДобраЗемја: И покрај временските неприлики, се изненадивме од одѕивот на посетители, особено од оние кои за прв пат стапија во контакт со нас. Сметаме дека првиот настан помина одлично, потрошувачите не само што имаа прилика да дегустираат домашни органски производи, можеа истите да ги набават по промотивни цени, да запознаат дел од нашите производители кои беа лично присутни и да ја погледнат малата изложба која ја приредивме и преку која ја раскажавме приказната за нашата задруга и производителите со кои соработуваме.  Истите случувања не’ очекуваат и наредните две саботи, ги повикуваме сите заинтересирани да дојдат и да пробаат. Обезбедивме и интерактивно катче за деца J

МојаФарма: Што ве мотивираше да организирате Пазар на органски производи, дали на овој начин може повеќе да се доближи органската храна до корисниците?

ДобраЗемја: Имавме многу мотиви за организирање на ваков настан: да ја промовираме работата на нашата задруга и домашните органски производи кои се одликуваат со висок квалитет, да овозможиме сите заинтересирани да можат да пробаат органски производ, како и воспоставување директен контакт со сите заинтересирани за органското производство. Покрај физичката, ја промовиравме и е-продавницата shop.dobrazemja.mk која неодамна ја отворивме и претставува првата специјализирана продавница за локална органска храна, а воедно и настанот беше организиран во знак на благодарност на сите кои не поддржаа во досегашната работа – Ecommerce Macedonia и IME – Increasing Market Employability.

МојаФарма: Колку органски производители се застапени на пазарот и што се имаат тие да понудат?
ДобраЗемја: Во споредба со конвенционалните, бројот на органски производители е далеку помал и ова е поле на кое во иднина има простор за многу работа. Спротивно на политиката на големите ланци на маркети, каде можеме се да добиеме во секое време, една од карактеристиките на органското производство е што секогаш производот е сезонски, а со тоа има и најголема хранлива вредност. Освен тоа, производите се 100% локално одгледани и свежо набрани, што значи дека се најотпорни на локалните болести и се одликуваат со највисок квалитет и нутритивна вредност. Она што може да се очекува од понудата се секогаш сезонски производи кои виреат во нашето поднебје.

МојаФарма: Како влијаете на луѓето за зголемување на свеста за потребата од органска храна, пред се земајќи го во предвид начинот на живот и конзумирањето на брза храна и храна со многу пестициди?

ДобраЗемја: На некој начин функционираме како едукативен центар и се обидуваме да ги промениме навиките на луѓето во врска со храната, на подобро. Таков е моделот на кој што се заснова задругата Добра Земја – неделната органска кошничка, во која нудиме до 10 свежи сезонски производи. Секој може да стане член и да ја подигнува секој четврток – тоа е ден кој го посветуваме исклучиво на членовите. Гледаме позитивни резултати, зашто многу членови за прв пат почнале да вклучуваат зеленчуци и овошја во своето секојдневно мени кои можеби инаку никогаш не би ги пробале, а со тоа, кошничката претставува предизвик за промена и креативност во кујната. Дополнително, обезбедуваме рецепти со секоја кошница и навистина е инспиративно да се гледа развојот на една мала заедница која споделува идеи, рецепти итн.

Освен тоа, делуваме и на полето зголемување на еколошката свест и ѝ објавивме војна на пластиката: од самиот почеток не користиме пластични кеси, ги охрабруваме потрошивачите да носат своја торба и амбалажа, продаваме рефус производи и кошниците со членовите, како и амбалажата со производителите постојано ги ротираме.

МојаФарма: Се зголемува ли интересот на македонските потрошувачи за здрава и органска храна и како да се подобри директната поврзаност со производителите, дали овие продукти се лесно достапни?

ДобраЗемја: Изминатата година гледаме раст на интересот кај потрошувачите кој можеби, среќа во несреќа, е делумно и резултат на пандемијата која не натера повеќе да се грижиме за своето здравје. Преку задругата остваруваме директен контакт со производителите, организираме повремени посети на нивните фарми за нашите членови, со што директно да ги запознаат, да поразговараат, да имаат увид во местото и начинот на производство на храната која завршува на нивната трпеза, а истовремено организираме и работни акции на кои им помагаме на производителите онаму каде што е потребно. Се обидуваме преку членските цени да ги направиме органските производи подостапни, но, се разбира, колку повеќе ќе се зголемува бројот на органски производители во иднина, толку повеќе продуктите ќе бидат подостапни. Активно работиме на ова поле и мотивираме конвенционалните производители да се пренасочат кон органско производство. Со тоа, има бенефит за сите засегнати страни: за самите земјоделци, за потрошувачите и за природата.

МојаФарма: Кои практики како задруга ги применувате за воспоставување на еден одржлив систем на земјоделско производство и како планирате да ја зајакнувате положбата на органските производители?

ДобраЗемја: Преку системот на органска кошничка воведуваме баланс меѓу потребите на производителите и заедницата на потрошувачи. Кошничката ја планираме во консултација со производителите и според тоа што може да се очекува од нив во текот на годината. Внимаваме да има простор за производите на секој наш соработник. Сметаме дека планското производство е навистина важно, а со растот на членството и неодамнешната инвестицијата во ладилник имаме можност да откупиме се повеќе производи и да ја продолжиме нивната сезона. Благодарение на овој концепт можеме да гарантираме сигурен откуп, фер и достоинствена цена која го почитува вложениот труд на секој производител.

Категории: Интервјуа

Слични Новости