Голем одзив во Кочани на промоцијата на ИПАРД 3 програмата

Голем одзив во Кочани на промоцијата на ИПАРД 3 програмата

 

 

Вчера во Кочани се одржа втората работилница во земјава за објаснување на условите и презентирање на мерките за кофинансирање од ИПАРД 3 програмата. Целта – да се поттикнат земјоделците, задругите, здруженијата и останати компании и физички лица да покажат поголем интерес и да аплицираат во новите проекти кои ги нуди програмата. Аплицирањето е речиси на ист начин со малку изменети и подобрени услови.

„Во последните недели се направи акредитација на новата програма, ИПАРД 3, којашто важи од 2021 до 2027 година. Поканети сме од Општина Кочани, којашто изрази еден интерес за да може да направиме промоција пред заинтересираните странки, компании и физички лица коишто можат да направат апликации за следните повици. Аплицирањето е исто како што беше досега, но со некој малку подобрени услови. Можеби, ќе има можност 50% од средствата да се исплаќаат однапред, односно од кофинансираната сума, но тоа ќе го знаеме по официјалните објавувања на јавните повици и документацијата издадена од агенцијата“, истакна Марија Крстева, сертифициран ИПАРД консултант.

ИПАРД програмата е пристап до фондовите на Европската Унија за финансиска помош за одржливо земјоделство и развој. Акцентот е ставен на заедничка земјоделска политика и политиките за конкурентно одржливо земјоделство. На работилницата фокусот беше на мерката 3, која опфаќа инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и за некои поединечни мерки. Досега заинтересираноста е на високо ниво, односно се искористуваат сите средства, а за да продолжи ваквиот голем број на апликации предвидени се работилници и во останатите градови од земјава.

 

Категории: Вести, Слајдер