Пратениците на Европскиот парламент ќе ги усогласуваат ставовите за носење на нов европски закон за заштита на биодиверзитетот. Според првичните планови во буџетот на ЕУ на годишно ниво ќе треба да се издвојат 20 милијарди евра за спас на бидиверзитетот, а се планира до 2030 година да се заштити 30% од земјата и крајбрежјето на територија на Европската Унија.
Новиот закон за спас на биодиверзитетот треба да се формулира и донесе според принципот на кој беше изгласан Законот за климатски промени, со цел полесно да се мониторираат мерките кои ги преземаат државите членки на ЕУ.
Се очекува Европската комисија да го достави предлог легислативното решение следната година и да започне процедурата на усогласување во законодавното тело на унијата.
„Имаме планетарна криза која се одвива сега, не само во Европската Унија, за климата и биодиверзитетот“, рече социјалистичкиот европратеник Цезар Луена, кој го напиша извештајот.
Најмалку 30 проценти од видовите и живеалиштата во лоша или очајна состојба треба да имаат заштитен статус до 2030 година, или барем да покажат силен позитивен тренд во таа насока. Но, сите заштитени видови и живеалишта според законот на ЕУ треба да постигнат заштитен статус на зачувување „што е можно поскоро“, велат европратениците.
Европските парламентарци се спротиставуваат и на повторното одобрување за употреба на глифосфатот како еден од најчестите хербициди кој има огромни последици врз здравјето на пчелите. Без инсектите кои ги опрашуваат растенијата се очекуваат уште поголеми еколошки катастрофи, намалени приноси, недостиг на храна и уништување на цели еко-системи.
Исто така со законот ќе треба да се намали употребата на ѓубрива, да се спречи понатамошна експлоатација на шумите и сечата на дрва, да се намали влијанието врз дивечот и да се форсира засадување на 3 милијарди дрва на територија на ЕУ до 2030 година.
Најновата стратегија на ЕУ за биодиверзитет е трета од нејзиниот тип во блокот. Претходните планови не успеаја да се справат со влијанието на интензивното земјоделство, шумарство и урбанизација врз загубата на биодиверзитетот.
Потенцијален закон на ЕУ за биодиверзитет треба да биде одобрен и од земјите на ЕУ и од европратениците.
Новиот закон за биодиверзитет откако ќе биде изгласан ќе треба да се примени и во македонското законодавство бидејќи С. Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ мора да ја усогласи домашната со европската легислатива.
Извор: euobserver.com