Како се покажа првиот вински музеј во Кавадарци изминатата година?

Како се покажа првиот вински музеј во Кавадарци изминатата година?

Винскиот музеј во Кавадарци одбележа една година постоење и успешна работа, период во кој оваа институција стана популарна дестинација за домашните и странски посетители.

По тој повод, во дворот на музејот, во кавадаречкиот Градски парк, се реализира ликовна изложба насловена „Една година успешна приказна”. Како што информираа од оваа културна установа, на изложбата ќе бидат презентирани 10 уметнички дела со тематика „Лозарството и винарството низ историјата”.

Винскиот музеј во Кавадарци го посетиле над четири илјади гости од земјава и странство за една година во услови на пандемија, соопшти Весела Честоева, директорка на музејот.

„Музејот има за цел: истражување, собирање, стручна и научна обработка на музејскиот фонд, негова заштита, презентација и објавување. Својата дејност ја врши и преку организирање, односно презентирање на музејските предмети и материјал во изложби со постојан и времен карактер”, рече Честоева.

Според неа, Музејот е институционален носител на целокупната музејска дејност во делот на винарството во Тиквешкиот регион на винските патишта и има обврска да врши и развива музејска дејност во делот на заштитата на културното наследство.

Категории: Вести