Како се создава град и како функционира засејувањето на облаци со сребро јодид?
Една од најтешките природни непогоди кои можат целосно да го загрозат земјоделското производство претставува паѓање на град, односно паѓање на ледени топки со пречник од 5 до 50 милиметри. Ледените топки можат да бидат одвоени или споени. Најчесто формирањето на град се одвива во услови на невреме и само во одредени облаци кои што се наречени кумулонимбуси. Во овие облаци има силни воздушни струења со големи температурни разлики. Во долната основа температурите се движат околу нулата и често во овој дел има водени капки и доколку целосно се развие кумулонимбусот, од неговите горни слоеви започнува спуштање на маса од ладен воздух кој ги замрзнува водените капки и настанува формирање на снегулки и ледени кристали. Доколку овој тип на облак се развие на поголема височина температурите можат да се спуштат и до -40 степени Целзиусови каде што водените капки се претвораат во ледени игли.
Појавата на град е секогаш пропратена со невреме карактеризирано со електрични празнења кои се одвиваат на многу голема височина. Замрзнатите водени зрна имаат различни форми и големини, но скоро секогаш имаат темно јадро кое е обвиткано со заледени слоеви на вода кои што имаат млечно бела боја. Големината на зрната град можат да варираат и најчесто нивната големина зависи од висината и густината на облаците од која паѓаат. На нашите простори зрната можат да бидат со големина како зрно од пченица па се до големина на јајце. Во 1902 година во Кина било забележана појава на град со зрна кои имале тежина од 4 килограми и пречник од 21 центиметар.
Процесот на создавање на ледените топки град се одвива на следниот начин. Под дејство на силни воздушни струења во облаците (кумулонимбус) се собираат ситни честички, прашина или песок. Честичките се носени од струењата во облаците и истите служат како основа за насобирање на мраз. Како честичките се движат нагоре и надолу носени од воздухот се зголемува и дијаметарот на ледената топка. За создавање на топка со пречник од 10 центиметри брзината на ветрот во градобијниот облак мора да биде над 290 километри на час. Колку подолго ледената топка се задржи во облакот толку е поверојатно дека пречникот ќе биде поголем и овој процес трае се додека ледената топка не стане претешка и започне да паѓа кон земјината површина.
За веројатноста од појава на град во голема мера зависи и висината на градобијниот облак. Доколку облакот е со висина од 13 километри, веројатноста да падне град е 50 %, а доколку облакот е со висина од 17.5 километри, појавата на град е скоро неизбежна.
Како функционира засејување на облаците?
Научен термин за овој процес е антропогена, односно модификација под дејство на човекот на времето и најчесто се користи хемиско средство чии честички служат како јадро на кое се кондензираат дождовните капки и зрната на град. Во состав на секој реагенс (хемиско средство) има активна супстанца, оксиданс и гориви. Активната супстанца, која во случајот на засејување на облаците против појава на град е сребро јодид, согорува и се распрскува во вид на пареа на температура пониска од -4 степени Целзиусови и поминува директно од гасовите во цврста состојба. На овој начин се создаваат честички (аеросоли) на сребро јодид кои се распрскани во градобијните облаци. Од еден грам на сребро јодид можат да се создадат 1016 ситни кристали.
Овој реагенс влијае на кондензацијата на водената пареа, како и на кристализацијата на оладените капки од дожд. Преку овој процес се создава конкуренција на гореспоменатите ситни честички кои што поттикнуваат создавање на ледени топки и со тоа се намалува потенцијалот на создавање на ледени топки со поголем пречник кои што можат да направат штета на земјоделското производство. При засејување се создаваат ситни зрна лед кои на земјината површина паѓаат во облик на ситни замрзнати капки или во форма на дожд. Во ракетите кои што се користат обично се содржи околу 400 грама на реагенс.
Според достапната литература при ослободување на сребро јодид во една сезона не се забележани никакви ефекти кои што можат да влијаат врз загадување на животната средина. Освен овој факт, сребро јодид како и елементарното сребро не е ставено на ниедна листа на загадувачи од страна на светските организации. Целата количина од сребро јодид од атмосферата ќе се наталожи како нерастворливо соединение на површината.
На видеото погоре може да се види како изгледа прскање со сребро јодид.
Видеото е во сопственост на Управа за хидро-метеоролошки работи.
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.