Корисни совети за складирање на пченка и спречување на појава на микотоксини
Пченката најчесто се контаминира со токсични секундарни метаболити (микотоксини) на патогените габи. Производството на микотоксини од страна на патогените габи служи за заштита на самите габи од други габи, бактерии, вируси и слично. Микотоксините можат да влијаат врз здравјето на луѓето и животните кои консумираат храна во која има присуство на микотоксини.
Економските загуби поврзани со микотоксините настануваат поради намалениот принос на земјоделските култури, намалување или целосно губење на вредноста на житариците, намалување на продуктивноста на домашните животни и влијанијата врз здравјето на луѓето.
Најчести микотоксини во пченката се афлатоксините, фумонисините, трихотецените (особено деоксиниваленол) и зеараленонот. Овие соединенија настануваат од видовите на габи кои спаѓаат во родовите Aspergillus и Fusarium. Микотоксините се хемиски разновидни и способни да предизвикаат широк спектар на акутни и хронични симптоми, почнувајќи од одбивање храна до брза смрт или рак.
Температурите кои се движат од 26 до 36 степени целзиусови и релативна влажност од 85 % се оптимални за раст на патогените габи и производство на микотоксини. Во складишни услови, оптимални услови се 18-20 % влага во зрната, а нивното развивање престанува доколку влагата дојде под 12 до 13 %.
Доколку капацитетите за складирање овозможуваат правилно и брзо сушење на пченката, жетвата може да се изврши кога процентот на влага во зрното изнесува 20-23 %. Ако капацитетот за складирање нема такви услови, оптималната влага во зрното за време на жетвата изнесува 14 %.
Како најбитни совети пред и за време на складирањето на пченка со цел спречување на појавата на микотоксини се:
- Жетвата да се изврши порано;
- При жетвата да се изврши подесување на комбајнот за да се оствари минимално кршење на зрната;
- Запазување на хигиенските услови во капацитетите за складирање;
- Пченката која што е од минатата сезона потребно е целосно да се оддели од овогодинешниот род;
- Складишниот простор да има непречен проток на воздух од повеќе страни;
- Доколку постојат услови, да се инвестира во инсталација на активен проток на воздух;
- Избегнување на складирање на пченка која што подолго време била изложена на сонце за да не се создаде кондензација од топлата пченка и ладниот воздух во складиштето;
- Доколку подот на складиштето е од бетон, потребно е поставување на други материјали кои што ќе служат како бариера за да се избегне кондензација.
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.