Која храна дава најдобри резултати во справување со последиците од КОВИД-19?

Која храна дава најдобри резултати во справување со последиците од КОВИД-19?

 

Од почетокот на КОВИД-19 пандемијата до денес, постојано ни нудат совети за тоа каков тип на храна да јадеме за да се заштитиме од корона вирусот. Но, дали постои еден тип на храна која помага за ублажување и спречување на симптомите и последиците од корона вирусот?

Изборот на храна директно влијае на нашето здравје. Затоа, неопходна ни е храна која ќе има позитивно влијание во зајакнувањето и подобрување на имунитетот, како и превенција од болести, вклучувајќи го и КОВИД-19.

„Не постои еден тип на храна што магично ќе ги заштити луѓето од КОВИД-19“, вели Филип Калдер, нутриционист имунолог, на Универзитетот во Саутемптон во Велика Британија. Тој додава и дека храната е само еден од факторите кои влијаат на имунолошкиот систем.

Според студијата направена на здравствени работници од Франција, Германија, Италија, Шпанија, Велика Британија и САД објавена во мај во медицинскиот журнал BMJ, откриено е дека испитаниците кои јаделе веганска исхрана базирана на овошје, зеленчук, житарици, мешунки, цели зрна, како и оние кои јаделе вегетаријанска храна, каде биле вклучени морски плодови, имале помала веројатност да развијат умерени до тешки симптоми на КОВИД-19, отколку оние кои не ја конзумираат оваа храна. Кај првите дури за 73 проценти се помали шансите, кај вторите за 59 % да развијат тешки симптоми на КОВИД-19.

овошје

Извор: Pixabay

Ако сакаме да го заштитиме, зајакнеме и одржиме имунолошкиот систем треба да конзумираме храна богата со микро и макро нутриенти. Микронутриенти како што се витамините и минералите, се неопходни за одржување на јак имунолошки систем и нормално функционирање на нашето тело. Додека пак, макронутриентите, како јаглехидрати, протеини и масти се важни за нивоата на енергија потребни за одржување на телесните функции. Луѓето кои конзумираат храна со ниско ниво на јаглехидрати и високо ниво на протеини имаат три пати поголема веројатност да развијат умерени до тешки симптоми за разлика од  оние кои конзумираат исхрана на база на зеленчук и овошје.

зеленчук

Извор: Pixabay

Резултатите од студијата се совпаѓаат со препораките од Светската здравствена организација (СЗО).  Според СЗО исхраната треба да содржи разновидност на овошје и зеленчук, мешунки (на пример, леќа, наут, грав, грашок), ореви, цели зрна (на пример, кафеав ориз, овес, просо, пченка) и продукти од животинско потекло. Луѓето треба да јадат најмалку пет порции овошје и зеленчук или вкупно 400 грама дневно. Сепак, треба да се внимава на храната која не смее да се јаде. Дневните количини на шеќер не треба да надминуваат 12 лажички, но се препорачуваат само шест за дополнителни здравствени придобивки. Исто така внесувањето на сол треба да биде ограничено, на околу една кафена лажичка дневно.

Како добар избор на храна што може да придонесе за ублажени симптоми на КОВИД-19 е и храната богата со Омега- 3 масните киселини. Постојат три главни типа масни киселини што им се потребни на луѓето: АLA – алфалиноленска, EPA-еикосапентаноична и DHA–докосахексаноична.

лен

Извор: Pixabay

ALA главно се наоѓа во растителни масла и семиња, како што се маслото од чиа, лен и канола. DHA и EPA може да се најдат само во риби и некои алги. Вегетаријанците и веганите можат да земаат додатоци направени од алги за да го пополнат недостатокот од овие масни киселини.

Според откритијата на иранските истражувачи Омега-3 може да игра важна улога во справувањето со КОВИД-19. Резултатите од ова истражување покажале дека критично болните пациенти со Ковид-19 кои земале додаток од 1.000 милиграми Омега-3 кој содржи 400 милиграми EPA и 200 милиграми DHA, две недели по хоспитализацијата имале стапка на преживување од 21%.

Кога се храните здраво, исто така го храните вашиот микробиом, збир од бактерии, но и габи, паразити и вируси кои коегзистираат низ телото. Најголемиот број од овие микроби се наоѓаат во цревата.

кисел зеленчук

Извор: Pixabay

„Микробиомот извршува многу работи, вклучително и помага при варење на храната, создава витални витамини, обезбедува заштита од инфекции и го подобрува нашиот имунолошки систем“, нагласи Шина Круикшанк, имунолог од Универзитетот во Манчестер во Велика Британија.

– Микробиомот помага да се одржат силни бариери што нè штитат од микробите преку зајакнување на клетките што ги обложуваат цревата, како заштита од инвазивни микроби, смета Круикшанк.

Пробиотичката храна содржи живи корисни бактерии, како што се ферментираните производи: кефирот, јогуртот, мисото, киселата зелка, киселиот зеленчук, чајот од комбуха. Овие намирници помагаат во одржување на здравјето на цревата, што пак го одржува вашиот имунолошки систем во борбата против КОВИД-19.

јогурт

Извор: Pixabay

Извор: dw.com

Извор на насловна слика: uchealth.com

 

 

Категории: Здрава храна